Меѓународниот фестивал Golden Piano Talents веќе петта година по ред ќе се одржи во Штип. Претседателка на Интернационално здружение за културен развој и едукација – „Арт Фест“ Марија Максимова информира дека фестивалот ќе се одржи на 18 и 19 септември, целата програма ќе се одвива во уметничката галерија „Безистен“ во Штип, а настаните се бесплатни.
-За само неколку дена, Штип ќе пречека 70 извонредни млади пијанисти, истакнати професори и гости од целиот свет, кои ќе бидат дел од два незаборавни дена посветени на музиката, талентот, едукацијата и пријателството. Golden Piano Talents е уникатен меѓународен фестивал кој ги слави и наградува не само талентираните пијанисти, туку и посветените наставници кои стојат зад нивните успеси-вели Максимова.
Таа посочува дека на фестивалот се слави музиката и достигнувањата на младите пијанисти.
– Ќе ги наградиме трудот, посветеноста и успехот, и заедно ќе споделиме два дена исполнети со пријателство, позитивна енергија, мотивација, инспирација и прекрасна атмосфера. Оваа година фестивалот става посебен акцент и на својот едукативен карактер, со две инспиративни предавања на проф. д-р Силвија Тесари -Италија и проф. д-р Милица Шкариќ- Македонија, заедно со пијано-рецитали, концерти и нашиот свечен GRAND CEREMONY WINNERS’ CONCERT-рече Максимова.
Таа додава дека по завршувањето на фестивалските активности, во вечерните часови учесниците и гостите ќе имаат можност да уживаат и во прекрасната атмосфера на „ штипската „Пастрмалијада“, која оваа година се одржува во истите денови.
-Така, покрај музиката и уметноста, нашите гости од различни земји ќе имаат можност да почувствуваат дел од традицијата, културата, гостопримството и духот на Штип-додава Максимова.
Генерален спонзор на меѓународниот фестивал е општина Штип.

