Шефот на Делегацијата на Собранието во Интерпарламентарното собрание на православието, пратеникот Миле Талевски, учествуваше на меѓународната конференција „Пристапи кон практичната имплементација на Коминикето на Интерпарламентарната унија во однос на дијалогот меѓу парламентаризмот и религиите“, што вчера се одржа во Каиро, Египет.
Како што информира Собранието, конференцијата беше организирана во рамки на специјалните активности на Интерпарламентарното собрание на православието по повод Интернационалниот иконографски конкурс посветен на значаен настан од православното религиозно наследство.
Учесниците на конференцијата испратиле единствена порака дека во услови на сериозните предизвици со кои се соочува современиот свет, неопходно е да се унапредува дијалогот и на политичко и на религиско ниво, оценувајќи дека токму дијалогот претставува најважна алатка за градење соживот и меѓусебно разбирање.
Во рамки на посетата, Талевски оствари средба и со Тавадрос II, Александриски папа и патријарх на Коптската православна црква за цела Африка. На средбата е разговарано за значењето на меѓурелигискиот дијалог и зачувувањето на духовното и културното наследство.
Покрај македонскиот пратеник, на конференцијата и на придружните активности учествуваа парламентарци од Албанија, Ерменија, Бугарија, Египет, Грузија, Грција, Јордан и Романија.

