Полицијата ја удрила плочката, по што паднале парите, а полицајците дури немале доволно кеси за да ги соберат – вака му раскажувал таткото на судијата Ѓоко Ристов на својот адвокат, Александар Варела, кој сведочеше во судот како предлог на одбраната.
Тој пред судот рече дека полицијата при претресот детално ја пребарувала куќата, а сомнежот за скриени предмети се појавил во кујната, каде плочките давале тап звук при удирање. Откако биле отстранети неколку плочки, бил откриен отвор во ѕидот, зад кој биле пронајдени 13 пакувања со пари, завиткани во фолија и целофан. Според сведокот, полицајците ги броеле парите на тепих, а поради количината немале доволно хартиени кеси за нивно складирање. Тој пред судот кажа дека таткото Здравко Ристов, на прашањето што има зад плочките, одговорил: „Нема потреба, пари се“. Варела сведочеше и дека Здравко му кажал оти сумата била над 350.000, како и дека не сакал неговите деца да знаат за парите. Одбраната на следното рочиште треба да ги изведе како сведоци Фехми Стафа, кој се наоѓа во затвор поради барање поткуп за судијата Ристов, и Љупчо Пецов – Ѓаволот, од кого, според обвинението, биле барани пари за да не оди во притвор.

