Со сослушување сведоци, денеска, во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на судијата во Апелацискиот суд, Ѓоко Ристов. На денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци, еден на Обвинителството – сопственик на мобиларница и еден од одбраната – адвокат, кој присуствувал на претрес во куќата на родителите на Ристов во Неготино.
Судењето продолжува на 6 октомври кога треба да се продолжи со сослушување сведоци на одбраната, меѓу кои и Фехми Стафа.
Сведокот на Обвинителството, вработен како специјалист за кибербезбедност во МВР и сопственик на мобиларница за сервис и продажба на мобилни телефони во Скопје, одговори само на едно прашање од обвинителката Хаџи Василева – „дали обвинетиот Ѓоко Ристов на 3 декември 2025 година бил да поправа мобилен телефон“, на што сведокот рече „јас не сум примил телефон од господинот и ја дадов мојата целосна евиденција за прием на телефони од мојот систем“.
На вкрстени прашања од одбраната на Ѓоко Ристов, адвокат Ѕвонко Давидовиќ, сведокот појасни како се врши евиденцијата за водење телефони што дошле на сервис. – Пишуваме кој телефон дошол и телефонски број и име на тој што го донел – изјави сведокот.
Сведокот исто така појасни дека од Обвинителството дошле и барале конкретен телефон „самсунг“ дали бил донесен на сервис по што тој им покажал во евиденијата дека таков телефон немало. На прашање од обвинетиот Ѓоко Ристов дали на 3 декември по 19 часот дошол и го дал телефонот, црн „самсунг“ со скршен екран и притоа му рекол „дали може да извадиме податоци“ и „ми рековте не“, сведокот рече дека не се сеќава.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, по сослушувањето на сведокот, побара од судот да изврши увид во списи на предмети за двајца обвинети – Маријан Стоевски и Фехми Стафа, каде што судија е сега обвинетиот Ѓоко Ристов.
Со тоа заврши изведувањето на доказите од Обвинителство и почна изведувањето докази на одбраната.
Сведокот на одбраната, адвокат Александар Варела, кој бил присутен на претресот во куќата на Здравко и Донка Ристови во Неготино, објасни детално пред судот како се одвивал вториот претрес и двата дена во јануари.
Тој појасни дека бил повикан од синот на Здравко, Ангел Ристов, по што биле во бањата „Негорци“, од каде што го зеле Здравко.
– Претресот беше интензивен и мислевме дека сè е завршено. Но, ни рекоа дека мора да дојдат и следниот ден. Вториот ден почна со тоа што повторно истите соби и места се прегледуваа. Го прегледуваа и задниот дел од куќата, кој е со посебен влез – изјави сведокот.
При повторен преглед се задржале во кујната и ги проверувале плочките, со сомнение дека некои плочки даваат тап удар.
– Извадија пет плочки, па потоа уште пет, паднаа, се скршија. И јас бев таму и сопственикот Здравко и двајца полицајци, кои ги одлепуваа плочките. Здравко приговараше „не кршете ми ги плочките или вадете ги полека, ќе треба пак да се вратат“. Но тие не можеа да најдат ништо и почнаа да ги кршат сите по ред и дојдоа до последниот ред, каде што се појави дупка. Здравко, како човек што се најде изненаден, само рече, „ај биде“. Значи, биднало. Јас го прашав што е, тој само рече „ај“. Тогаш полицијата го праша што има таму за да знае да повика специјалисти. Тогаш Здравко рече – нема потреба, пари се. Полицајците тогаш почнаа да ги вадат на тој начин што мораше да се скрши дел за да се извадат. Ги вадеа и мислам дека извадија 13 пакувања. Полицаецот што цело време ја водеше работата одвреме-навреме се јавуваше и разговараше на страна, мислам се консултира со некој што и како да се работи. Кога ги најдоа парите, се повика лице од крим-техника да фотографита – изјави сведокот.
Сведокот појасни дека откако ги нашле парите, се симнал и го прашал Здравко зошто не му кажал, на што тој му рекол „не мислев дека ќе одат толку далеку, знаејќи како се водеше претресот првиот пат“.
– Ми рече „не знаев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам пари“. Му реков, знаеш дека сега може да ти ги земат, на што ми рече „што сака нека праат, мои се парите“, изјави сведокот.
Тој рече дека кога го прашал Здравко колку пари има, тој без двоумење му кажал дека се над 300, 350 илјади евра.
– Со тоа мене ми даде до знаење дека знаел за парите, но не ми кажал на мене како адвокат, изјави сведокот.
На прашање од Обвинителството дали во куќата имало и вреќи со цемент и лепаци со понов датум во некоја од помошните простории, сведокот рече да.
– Усјемал, цемент, не знам, имаше во помошната просторија, заедно со други вреќи со песок и други материјали, како што има во секоја куќа – изјави сведокот.
Прашан, дали полицијата го прашала Здравко, чиј е цементот, сведокот рече да.
– Го прашаа чив е цементот. Рече мој. Го прашаа дали реновирал нешто. Прво рече не, зашто мислеше на некој поголем зафат. После, Здравко кажа дека плочките лево од вратата под скалите се свежо лепени- изјави сведокот.
Јавната обвинителка Искра Хаџи – Василева по денешното судење изјави дека сведокот на одбраната дал некредибилна изјава во клучни делови.

– Дел од неговото сведочење се однесуваше на основни факти кои веројатно наоѓаат поткрепа во сето тоа што се случувало при претресот како динамика на постапување на полицијата. Но, во однос на некои факти, тој даваше просто невистинити изјави, бидејќи таквите негови изјави не коинцидираат со материјалните докази и видеоматеријалот кој ние сите имавме прилика да го видиме на претходните рочишта – изјави Хаџи Василева.
На прашање врз која околност бил сослушан денешниот сведок на Обвинителството, Хаџи Василева појасни дека тој бил повикан „за еден ситен, мал факт да го потврдиме“, дека обвинетиот, како што посочи, „спротивно на својот исказ дека бил таму и го однел на поправка, воопшто не бил“ и оти „телефонот нам како истрага не ни беше достапен, оној телефонски апарат кој го користел дотогаш“.
– Обвинетиот, и во однос на изјавата која претходно ја дава и пред полициски службеници и во Обвинителството дека телефонот го однел на поправка, не кажува вистина и лаже, и во однос на тој едноставен факт, бидејќи телефонот не го однел на поправка – изјави Хаџи Василева.
Бранителот на Ѓоко Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, по денешното рочиште изјави дека Обвинителството не понудило докази со кои недвосмислено би се потврдиле наводите во предметот.

– Обвинителот даде записник за извршен претрес и записник за одземени пари, на кој е потпишан Здравко Ристов, и кој во забелешка во записникот ставил дека тоа се негови пари. Јас не гледам друг доказ кој обвинителот понуди. Второ, вештачењето на Обвинителството, а за кое ми е чудно минатиот пат како беше пренесено, има доказ за 975.000 евра заработени пари од таткото и мајката на Ѓоко Ристов и 600.000 евра заработени од него и сопругата. Па вие проценете дали можело или не можело во ѕидот родителите да имаат пари, но факт е дека е најдено во неговиот ѕид и дека од него се одземени, рече Давидовиќ.
Тој, исто така, упати критики и кон начинот на кој, според него, се води истрагата, оценувајќи дека Обвинителството не успеало да обезбеди докази за коруптивно дело, туку се фокусирало на други околности, и оти надлежните институции не реагирале навремено во обезбедувањето на видеоснимки и други докази, и покрај тоа што, според него, постоеле информации за релевантни настани уште од декември.
– Сте се прашале ли зошто дури во мај, а има на записник од 29 декември изјава на Ѓоко Ристов каде што рекол: „Јас бев тогаш и тогаш во мобиларата“, зошто Обвинителството не ги извадило веднаш снимките? Зошто веднаш не реагирало, туку реагирало во март – изјави Давидовиќ.
Случајот го води судијката Билјана Коцевска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи – Василева.
Според обвинението, Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, бидејќи во текот на истрагата судијата не докажал дека легално ги стекнал парите.
На 17 април, Јавното обвинителство соопшти дека биле преземени повеќе дејствија и претреси, при кои на 18 јануари годинава во дом на родителите на судија во Неготино биле пронајдени вкупно 350.000 евра за чие потекло тој немал доказ и не ги пријавил.
– Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите. Ова предизвика основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи – објави ЈО.

