Со песна, оро, традиционални вкусови и дружење денеска во село Цера се одржува манифестацијата „Бабина баница 2026“, која на едно место собра бројни жители, гости, пријатели и љубители на македонската традиција.
Манифестацијата, која се одржува на Еленец, е посветена на зачувувањето и промовирањето на традиционалните вредности, обичаи и гастрономското наследство на овој крај.
– Денес на Еленец мириса на домашна баница, се слуша македонската песна и се вие нашето оро. Со голема радост сум дел од „Бабина баница 2026“ во село Цера, каде што денес се собраа многу наши сограѓани, гости, пријатели и љубители на традицијата, изјави градоначалничката на Македонска Каменица – Соња Стаменкова.
Таа посочи дека особена вредност на манифестацијата е пренесувањето на традицијата од постарите кон помладите генерации.

– Најубаво е кога ќе ги видиме повозрасните како со љубов го покажуваат она што го научиле од своите мајки и баби, а помладите се тука да гледаат, да учат и еден ден да го продолжат истото. Токму тоа е вредноста на ваквите средби – да бидеме заедно, да се дружиме и да не дозволиме да се заборават нашите песни, ора, вкусови и обичаи – нагласи Стаменкова.
Во рамки на денешната манифестација посетителите имаат можност да уживаат во традиционални домашни специјалитети, музика и дружење, а посебен акцент е ставен на домашната баница како дел од богатото гастрономско наследство.
Стаменкова упати благодарност до Здружението на пензионери Македонска Каменица за организацијата, како и до сите учесници и поддржувачи кои придонесоа денешниот настан на Еленец да биде исполнет со песна, насмевки и позитивна енергија.
Манифестацијата „Бабина баница“ продолжува со дружење и презентација на традиционалните вредности, со порака дека ваквите настани се значаен начин за нивно зачувување и пренесување на идните генерации.


