Македонската култура се претставува достоинствено во повеќе светски центри во чест на 35 години од независноста на државата, објави на својата Фејсбук страница министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

-Три и пол децении независност се потврда на нашата државност, идентитет и вредностите што ги градиме со посветеност, достоинство и одговорност. Културата е еден од најсилните изрази на она што сме. Таа ги чува нашиот јазик, традиција и историска меморија, а преку музиката, уметноста и современото творештво ја пренесува македонската автентичност во светот – наведува Муцунски во објавата.

Овие денови, додава тој, во повеќе светски центри, македонската култура се претставува достоинствено и препознатливо, во чест на 35 години независност.

-Преку дипломатската мрежа продолжуваме силно да ги афирмираме македонската култура и идентитет, градејќи мостови на пријателство, почит и соработка со светот – дополнува Муцунски во објавата.


