Во Пехчево започна реализацијата на првата фаза од реконструкцијата на пристапниот локален пат до филтер-станицата за вода за пиење, кој минува преку потегот Мало Стопанство – Симион Рид.
Оваа фаза од реконструкцијата се реализира со сопствени средства на Општина Пехчево и ЈКП „Комуналец“ – Пехчево, што претставува уште една потврда за определбата на локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие со сопствени ресурси да инвестираат во подобрување на локалната инфраструктура и условите за функционирање на значајните објекти и стопански капацитети.
Реконструкцијата има големо значење за малите стопанства и земјоделските производители кои функционираат на потегот Мало Стопанство – Симион Рид. Подобрувањето на патната инфраструктура ќе овозможи полесен и побезбеден транспорт на земјоделски производи, материјали, механизација и опрема, како и подобар пристап до земјоделските и стопанските објекти.
Со подобрувањето на пристапниот пат како што информираа од Општината се создаваат и подобри услови за развој на малите стопанства, зголемување на економската активност и искористување на потенцијалите на овој дел од општината.
-Покрај стопанското значење, патот има особена важност и поради неговата поврзаност со филтер-станицата за вода за пиење, која е еден од клучните објекти во системот за водоснабдување на Пехчево. Со реконструкцијата се овозможува подобар пристап за вработените, службите и механизацијата задолжена за одржување и непречено функционирање на филтер-станицата, информираа од Општина Пехчево
Во рамки на првата фаза се реализираат активности за санација на оштетените делови, подобрување на патната подлога и уредување на коловозниот простор, со цел да се обезбеди побезбедна и поквалитетна патна врска.
Од Општина Пехчево истакнуваат дека инвестирањето во вакви локални инфраструктурни зафати има повеќекратно значење – од подобрување на условите за функционирање на комуналната инфраструктура, до директна поддршка на малите стопанства, земјоделските производители и локалната економија.
Реализацијата на оваа фаза со сопствени средства на Општина Пехчево и ЈКП „Комуналец“ – Пехчево претставува конкретен пример за одговорно и рационално користење на локалните ресурси во интерес на граѓаните и локалниот економски развој.

