Учениците како демографска група не се ризични за западнонилска треска. Имаме неколку деца што беа тестирани на западнонилска треска и беа негативни. Најмладиот пациент што беше заразен имаше 25 години и немаме ниеден засегнат под 25 години и во согласност со тоа не беа преземени посебни мерки за заштита – изјави денеска на седницата за опозициски прашања министерот за здравство Сашо Клековски одговарајќи на прашање на Сања Лукаревска од СДСМ дали се преземени мерки за зашита од западнонилска треска во училиштата.
Клековски рече дека во рамките на општите мерки на заштита градоначалниците од Скопскиот Регион и другите засегнати општини во проверката на можни жаришта (34) извршиле проверка и на училишните дворови за можна застоена вода како потенцијален ризик.
– Во однос на личната заштита не се преземени посебни мерки, а за советување на учениците оваа демографска група не е ризична. Значи, фокусот беше на информирање на граѓаните со 60 и повеќе години како најризични – рече министерот за здравство.
Појасни дека западнонилската треска е целосно непредвидлива за состојба. Како пример посочи дека има години кога во Скопје првпат е прскано во јули, а оваа година првпат е прскано во мај и оваа година има епидемија, а во таа година кога е прскано во јули нема.
– Имаме општини во кои се најдени мртви птици со вирусот, тоа се Карпош и Ресен, каде што нема нитуен случај на западнонилска треска, а има во една од најпогодените општини со прскање, како што е Илинден, која е рекордер по број на прскање во Скопскиот Регион – рече Клековски.
Надлежните институции ги презеле сите неопходни мерки и дејства за справување со епидемијата.

