Македонија десет последователни квартали бележи раст на економијата над 3%, а последниот квартал достигнал 4,3%. Инвестициите се еден од клучните двигатели на растот, а приоритет останува и постепеното намалување на буџетскиот дефицит. Според министерката за финансии целта е фискалната консолидација да продолжи, односно буџетскот дефицит да се намалува под 3 проценти, а јавниот долг под 60 проценти од од бруто-домашниот производ.
„Она што би рекла дека за нашиот буџет е најважно е она што го имаме ветено да го реализираме, тоа е пред се фискалната консолидација онака како што е предвидена во фискалната стратегија. Тоа значи полека, нормализирање на состојбите со буџетскиот дефицит и целта е 3%, под 3% и тоа е нешто од кое никако не смееме да отстапиме па дури и во услови на ваква неизвесност“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министер за финансии.
Целта е да се најде баланс – дел од дефицитот да се насочи кон проекти кои треба да донесат дополнителен раст на економијата, а истовремено да се работи и на зголемување на приходите. Од Министерството за финансии велат дека се уште постојат структурни проблеми во економијата. Најавени се промени во начинот на финансиска поддршка – поголем фокус на одредени сектори и домашни компании. Сепак, според министерката, тоа не треба да се прави по секоја цена доколку би се загрозиле инвестициите. Дополнителен инструмент за трансформација на економијата треба да биде и Планот за раст, преку кој се очекуват промени во администрацијата, законодавството и начинот на функционирање на институциите, со цел приближување до европските стандарди. Надлежните уверуваат дека резултатите се движат во позитивна насока.

