Во Општина Чучер-Сандево вечер започнува четвртото издание на културно-забавната манифестација „Сандево Фест 2026“, која и годинава ќе понуди богата програма со музички, културни и забавни содржини за сите генерации.
Организаторите најавуваат дека во текот на двете фестивалски вечери посетителите ќе можат да уживаат во разновидна програма што вклучува детски содржини, фолклорни настапи, stand-up изведба, како и концерти на познати македонски и регионални музички имиња.
– На само петнаесетина километри од Скопје, во прекрасното опкружување на Скопска Црна Гора, на 11 и 12 септември ќе се одржи четвртото издание на САНДЕВО ФЕСТ 2026 – културно-забавна манифестација која и годинава носи богата програма за сите генерации. Во текот на двете фестивалски вечери, посетителите ќе имаат можност да уживаат во спојот на традицијата и современата забава – од детска програма и фолклор, преку stand-up настап, до концерти на познати македонски и регионални музички имиња – стои во соопштението од Општината.
Како што информираат, фестивалот има цел да ги поврзе различните генерации преку музика и култура, но и да ги промовира природните, културните и традиционалните вредности на Општина Чучер-Сандево и подрачјето на Скопска Црна Гора.
Тие ги повикуваат посетителите да пристигнат порано и да го искористат престојот за прошетка и запознавање со локалните знаменитости, посочувајќи дека „Сандево Фест 2026“ е можност за поинакво септемвриско доживување исполнето со природа, традиција и добра музика.

