Можностите за поголема соработка со Шпанија и користење на нејзиното искуство во области поврзани со функционирањето на правосудните институции и владеењето на правото беа во фокусот на средбата помеѓу министерот за правда, Јетон Шасивари, со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
Како што соопштуваат од Министерството за правда, министерот Шасивари го запознал амбасадорот со приоритетите на Министерството и активностите што се реализираат во рамки на реформската агенда.
– Во наредниот период се очекуваат конкретни законски и институционални чекори насочени кон подобрување на ефикасноста и квалитетот на правосудниот систем – стои во соопштението.
Оттаму дополнуваат дека амбасадорот Соријано Ортиз ја изразил подготвеноста на Шпанија да продолжи да дава поддршка на реформите.

