– Пратеничката Саранда Имери-Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам, се обрати на панел-дискусија во рамките на 35. Економски форум во Карпач, Република Полска, што се одржува од 8 до 10 септември 2026 година, посветена на предизвиците за зачувување на регионалните идентитети, културното наследство и развојот на туризмот во услови на глобализација.
Како што се наведува во соопштението од Собранието, во своето излагање, Имери-Стафаи истакнала дека заштитата на локалната традиција и културното наследство треба да биде составен дел од развојните политики. Таа нагласила дека културното наследство не треба да се гледа само како обврска за зачувување, туку и како можност за економски развој, отворање нови работни места, поддршка на локалните заедници и создавање услови младите да ја градат својата иднина во своите места на живеење.
Имери-Стафаи се осврна на значењето на поддршката на малите семејни бизниси, занаетчиите и локалните производители, посочувајќи дека локалната храна, традиционалните занаети и културните особености треба да бидат дел од туристичката понуда.
Во тој контекст, ја истакна Иницијативата „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ како можност за промоција на културниот потенцијал и локалните специфики.
Посебен акцент стави на потребата од развој на одржлив и одговорен туризам, кој ќе придонесе за подолг престој на туристите, поголемо запознавање со локалната култура и историја и создавање директни придобивки за локалните заедници. Обновата и промоцијата на старите чаршии, археолошките локалитети и другите културно-историски знаменитости треба да бидат дел од долгорочните стратегии за туристички развој.
Во делот на улогата на младите, Имери-Стафаи ја нагласи потребата од поголема едукација за културното наследство, како и од дигитализација на локалната музика, приказните, јазичните особености и дијалектите. Според неа, современите технологии и европските програми можат да придонесат кон зачувување и промоција на културното наследство, но и да создадат нови можности за младите во културните и креативните индустрии.
Говорејќи за регионалната соработка, пратеничката истакна дека парламентите и собраниските комисии имаат важна улога во воспоставувањето културен дијалог и продлабочувањето на соработката меѓу земјите од регионот.
Преку размена на искуства и заеднички иницијативи, како што се регионалните механизми за соработка во културата, може да се придонесе кон подобра заштита и промоција на културното наследство и кон создавање нови можности за развој на локалните заедници.

