Одбележувајќи ја 35-годишнината од создавањето и меѓународното афирмирање на самостојна и суверена македонска држава, Советот на амбасадори им упатува срдечни честитки на сите граѓани по повод Денот на независноста – 8 Септември. Овој значаен јубилеј е повод да се потсетиме на достигнувањата, да ги вреднуваме искуствата и поуките од изминатите децении и со одговорност да погледнеме кон предизвиците и можностите што не очекуваат во иднина.
Триесет и пет години по прогласувањето на независноста, Македонија има изодено сложен и значаен пат во градењето на својата државност и меѓународната позиција. Од првите години на независноста до денес, земјата оствари значајни надворешнополитички достигнувања: мирно осамостојување и меѓународно етаблирање, развој на добрососедските односи, членство во Обединетите нации и НАТО, како и активен придонес во регионалните и меѓународните иницијативи за мир, безбедност и соработка.
Македонската дипломатија во изминатите децении изгради дипломатска мрежа, воспостави односи и партнерства со голем број држави и меѓународни организации и, во комплексни регионални и глобални околности, придонесе кон афирмацијата на земјата како одговорен и конструктивен член на меѓународната заедница.
Тој пат, сепак, не беше ниту едноставен ниту лишен од тешки одлуки. Градењето на меѓународната позиција како мала и млада држава беше обележано со сериозни политички, економски и безбедносни предизвици, и се одвиваше во услови на ограничени можности, бројни неизвесности и потреба од носење одлуки при непостоење на идеални исходи. Тоа искуство не треба само да се памети, туку и да се претвора во институционална мудрост и политички капитал за иднината.
Токму затоа, 35-годишнината е и повод за внимателно согледување на околностите во кои дејствуваме.
Во свет во кој геополитичките односи се менуваат со забрзана динамика, а хибридните закани и безбедносните и економските ризици ескалираат, продлабочувајќи ја комплексноста на меѓународното опкружување, на малите држави им е потребна мудра, одмерена и проактивна надворешна политика.
Советот на амбасадори укажува дека успешната дипломатија подразбира јасно поставени стратешки приоритети, силен дипломатски капацитет, институционален континуитет и способност за градење и јакнење на долгорочни партнерства.
Во таа смисла, иднината на македонската дипломатија треба да се гради врз искуството од изминатите три и пол децении, преку суштинско спознавање на тековните и навремено антиципирање на идните геополитички динамики, со промислено позиционирање во рамките на расположливите капацитети и согласно националните стратешки определби. На земјата ѝ е потребна дипломатија која не само што реагира на глобалните движења, туку активно ги артикулира и промовира нејзините национални интереси, придонесувајќи тие да се претвораат во конкретни дипломатски, економски и политички резултати.
По повод 35-годишнината од независноста, Советот на амбасадори им оддава признание на сите генерации државници, дипломати, институции и граѓани кои, во различни периоди и во различни улоги, придонесоа кон градењето на независна, суверена и меѓународно афирмирана држава.
Со уверување дека искуството и достигнувањата од изминатите децении ќе бидат темел за натамошно јакнење на државата, за нејзино мудро и одговорно позиционирање и за остварување на уште позначајна улога во глобалните односи.

