Започна инфраструктурното уредување на индустриската зона во село Таринци, во општина Карбинци, најави на денешната прес-конференција градоначалникот Виктор Паунов. На површина од околу 8.000 квадратни метри се предвидени пет градежни парцели. Паунов вели дека четири парцели се наменети за лесна индустрија, а една за мали комерцијални објекти. Парцелите во следниот период ќе бидат понудени на продажба.
-Интерес има од потенцијални купувачи, има интерес и од општина Карбинци да се продадат заради дополнителен развој на Општината во делот на незагадувачката и лесна индустрија- посочи Паунов.
Тој на денешната прес-конференција најави и уредување на нова станбена населба во село Таринци. На околу 10 хектари се предвидени околу 150 плацеви за домување.
-За многу скоро од сега ќе започнеме и со уредување и претпордажба на зоната за домување, тоа е поголемиот урбанистички план, кој што Карбинци го работи во изминатиот период. Се работи за околу 10 хектари површина, плацеви за домување некаде околу 150 плацеви за домување ќе бидат на располагање на жителите од Карбинци и пошироко. Тоа е во непосредина близина помеѓу селата Таринци и Карбинци во атерот на селото Таринци. Ова е и проектот кој што беше најавен, населбата наречена Вршник, по самото старо име на селото Таринци- рече Паунов.
Посочи дека станува збор за типска населба, која што ќе биде многу интересна за купувачите, затоа што Општината беспалтно ќе додели проект за градба. Очекувањата на Паунов се дека по првите месеци од следната година ќе има можност за продажба на овие парцели.

