Фискална дисциплина, но и економски развој. Владата најавува економски баланс – постепено намалување на буџетскиот дефицит и внимателно управување со јавниот долг. Геополитичките промени, повисоките цени на енергенсите и ограничувањата во трговијата создаваат дополнителен притисок врз економијата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска вели дека токму затоа државата мора навреме да создава фискален простор, наместо да чека кризата да го наметне тоа.
„Фискалниот простор мора да се создава пред да биде потребен. Фискалната отпорност не се гради во моментот кога кризата ќе започне. Таа се гради претходно, преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и повисок квалитет на јавната потрошувачка. Тоа е и пристапот што Република Македонија го следи во својата среднорочна фискална политика”, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.
Економскиот раст, според министерката, треба да се темели на поголема продуктивност, а не само на зголемена потрошувачка. Затоа, меѓу приоритетите остануваат инвестициите во инфраструктурата и енергетиката. Пораката е дека стабилноста и развојот не мора да бидат спротиставени цели- јавните финансии треба да останат доволно стабилни за државата да може да реагира во време на криза, но и доволно флексибилни за да продолжат инвестициите што создаваат економски раст.
„За земјите од Западен Балкан, стабилноста и растот не се спротивставени цели.Тие мора да се градат заедно. Фискалната дисциплина не значи откажување од развојот. Нашата одговорност е да изградиме јавни финансии кои ќе бидат доволно стабилни да ги апсорбираат шоковите, но и доволно флексибилни да го поддржат развојот.”, изјави Кочоска.
Стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност – се четирите принципи на кои треба да се темели економската политика во Македонија, вели министерката за финснии.

