Штип од денеска го има новиот Спортско-рекреативен центар (СРЦ) „Џексон“. Новиот спортски дом за спортистите и публиката е инвестиција, која чини повеќе од два милиони евра, средства обезбедени од државниот буџет. По тој повод денеска на свеченото пуштање во употреба на СРЦ „Џексон“ во Штип присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за спорт Борко Ристовски и пратениците во македонското Собрание, Никола Мицевски и Душко Иванов.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов истакна дека оваа инвестиција е реализирана од државниот буџет, а дополнително општината се вклучила со финансирање на дополнителни елементи, за да изгледа модерно и да ги исполнува сите меѓународни стандарди кои се потребни за одвивање на меѓународни натпревари.
-Ја користам оваа прилика да споделам информација дека токму одбојкарите на УГД-Штип ќе се натпреваруваат во Лигата на шампиони токму во оваа сала „Џексон“. Тоа е одбојкарски клуб кој ја радува штипската публика и македонската публика, така што верувам дека овој храм ќе биде навистина дом на едни квалитетни натпреварувања кои се по ФИБА стандарди и по меѓународни стандарди- посочи Јорданов.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски истакна дека овој проект го започнаа уште на почетокот од мандатот на оваа Влада и како што рече „еве конечно го завршуваме, го ставаме во функција“.
-Она кое што би рекол е како страничен настан, но не помалку важен, беше потпишувањето на спонзорството помеѓу компанијата „Алказар Енерџи Партнерс“ (Alcazar Energy Partners) и Кошаркарскиот клуб од Штип. Така што, кога ќе постои синергија помеѓу бизнисот, помеѓу локалната заедница, помеѓу граѓаните, општината, се создаваат убави дела. Можам да кажам дека сум пресреќен што денеска во Штип присуствував на овие настани, а на штипјани, на младите штипјани, на спортистите кои што се од овој град им посакувам многу спортски успеси, многу победи да постигнуваат во овој спортски објект. А ние како Влада продолжуваме и во иднина да се посветиме на она коешто значи испорака кон граѓаните- подвлече Мицкоски.

Министерот за спорт, Ристовски истакна дека граѓаните на Штип и спортските клубови добиваат нов спортски објект, а градот Штип го прави еден од градовите кој што е најатрактивен и најамбициозен во спортски натпреварувања помеѓу општините.
-Ова потпишување на спонзорството е уште еден доказ за сето она што го прави градот, меѓутоа и градоначалникот и Владата со давањето поддршка на големи проекти коишто спонзорствата се насочуваат во вистински правец, во вистински места, а тоа е развој на локалното население преку давање спонзорства или помагање на спонзорства преку спонзорирање спортски клубови, дали е тоа кошарка, одбојка, фудбал, сеедно. Меѓутоа, нашата цел е јасна, сите оние инвеститори коишто доаѓаат во Македонија да се насочуваат да инвестираат во спортот, да се општествено одговорни, како што денеска сме сведоци на еден таков голем настан-рече Ристовски.
Новата спортска сала „Џекосн“ е со капацитет за 1.000 гледачи, има современи услови и е градена по сите меѓународни стандарди, за да се играат натревари во одбојка, кошарка, ракомет и останатите спортови.

