Растот на македонската економија од 4,3% во вториот квартал од 2026 година е еден од најдобрите квартални резултати во изминатите две и пол години, но уште поважен е континуитетот на позитивните економски движења и насоката што ја покажуваат податоците, потенцира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска
Коментирајќи ги податоците на државниот завод за статистика за раст на БДП во вториот квартал годинава, министерката посочува дека економските политики и во следниот период ќе бидат насочени кон инвестиции, капитални проекти, поддршка на приватниот сектор и одговорно управување со јавните финансии.
„Од раст од 1,6% во првиот квартал од 2024 година, денес сме на 4,3%. тоа значи дека не зборуваме за еден добар квартал, туку за континуитет, за економија која расте и постепено добива сила. Дали е ова доволно? Не е. Но, податоците покажуваат дека политиките што ги водиме и насоката што ја избравме даваат резултати и дека треба да продолжиме уште посилно и со уште поголема динамика“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии

Министерката за финансии нагласува дека податоците за структурата на БДП покажуваат дека растот има широка основа. Бруто-инвестициите во вториот квартал се зголемени за 16,5%, извозот на стоки и услуги за 10,4%, а градежништвото бележи раст од 21,9%. Позитивни движења се регистрирани и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и угостителството, а растот е поддржан и од домашната потрошувачка.
Резултатот според неа добива дополнително значење имајќи предвид дека е остварен во услови на умерен раст на европската економија, глобални неизвесности и геополитички ризици. растот од 4,3% е значително над просекот на европската унија од 1,2% и еврозоната од 1%.
„Нашата политика е јасна – повеќе инвестиции и капитални проекти, силна поддршка на приватниот сектор, подобро и попредвидливо деловно окружување и одговорно управување со јавните финансии. Ќе продолжиме да инвестираме, да ги реализираме капиталните проекти, да создаваме услови за домашни и странски инвестиции и да го поддржуваме стопанството. Ќе продолжиме со реформите што треба да ја направат македонската економија посилна, поконкурентна и поотпорна.“
Таа додава дека економските резултати не се создаваат преку ноќ и дека за повисок и одржлив раст се потребни стабилност, предвидливост, доверба и континуитет во политиките.
Целта, како што посочува министерката, е позитивните стапки на економски раст да се преточат во повеќе инвестиции, посилни компании, нови можности и повисок животен стандард за граѓаните.
„Бројките ја покажуваат насоката. наша обврска е да продолжиме по неа“, порача димитриеска-кочоска.
