Туристичките работници и сите што остваруваат доход од туризам на територијата на општина Струга денеска имаа можност да се запознаат со даночните обврски, како да го пријават доходот и како навремено даночно да се усогласат во рамките на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“.
Весна Николоска-Ристовска, координатор на даночното одделение на УЈП во Охрид смета дека фер туризам можеме да направиме само со информирани туристички работници, фер конкуренција и навремено даночно усогласување.
– Управата за јавни приходи гради пријателски однос, односно соработка со даночните обврзници и она што го очекуваме од ваквите настани е позитивни промени. Промени кои ќе влијаат на свеста на даночните обврзници, да ги почитуваат законите и директно со плаќањето на даноците да учествуваат во развојот на туристичките центри. Да ги развиваат онака како што сите посакуваме, како и другите туристички центри низ светот, истакна Николоска-Ристовска.

Управата за јавни приходи, нагласи, им стои секогаш на располагање на даночните обврзници.
– Градот Струга има голем туристички потенцијал, кој сметаме дека не е доволно искористен. Треба се уште да се вложува во туризмот, да се развива инфраструктурата и сите оние јавни добра кои се од интерес за сите граѓани, додаде Николоска-Ристовска.

Градоначалникот Менди Ќурана информира дека Општината има регистар на приватни станоиздавачи, но бројката на пријавени, според него е мала, само 213.
– Прво треба да ја подигнеме свеста кај граѓаните, тие што веќе работат во туризмот, да се плаќа туристичката такса. Осумдесет отсто од туристичка такса оди во Општината, а останатите 20 е наменета за другите институции. За жал, ние имаме многу малку регистрирани станоиздавачи и затоа се работи на подигање на свеста, изјави Ќура пред средбата.
Тој посочи дека после 20 години Општината има вработени инспектори кои ќе контролираат на терен и ќе им укажуваат на граѓаните да се регистрираат, нагласувајќи дека тоа ќе им овозможи и поголем приход.
Кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ почна од Охрид, информативна средба имаше во Дојран, а после Струга ќе продолжи и со директни контакти со сите физички лица кои остваруваат доход од туризам.
