Во кумановските села Табановце, Орашац и Клечовце во тек е изградба на монтажни гаражи наменети за доброволните противпожарни друштва. Општина Куманово планира да ги зајакне капацитетите за реагирање при пожари во руралните средини. Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Борис Станковски, изјави дека во трите села се работи на поставување на монтажните објекти.
-Бетонските плочи се веќе поставени, а во две села се завршени и металните конструкции. По поставувањето на панелите, ќе следува внатрешното уредување на гаражите. За изградбата и трошоците поврзани со гаражите е обезбедено финансирање од Општина Куманово- изјави Станковски.

Градоначалникот Максим Димитриевски очекува трите гаражи да бидат завршени до крајот на месецот.

-Три гаражи се работат во моментот. Основните фундаменти се поставени и дел од конструкциите веќе се поставуваат од нашата фабрика „Искра“ од Куманово. Очекуваме до крајот на месецот да бидат завршени- изјави Димитриевски.

По завршувањето на објектите, гаражите ќе бидат предадени на доброволните противпожарни друштва, кои треба да ги сочинуваат жители од локалното население. Предвидено е доброволните пожарникари да поминат обука од страна на професионалните пожарникари од ТППЕ Куманово. Во активностите е предвидена и соработка со противпожарни екипи од Хрватска, под менторство на австриски донатор.

Паралелно со формирањето на доброволните друштва, ТППЕ Куманово продолжува со обновување на својот возен парк. Станковски информира дека од септември 2025 година досега се обновени седум возила со поддршка од донатори од покраината Тирол во Австрија. Во единицата моментално се вработени 43 пожарникари. Станковски посочува дека недостигот од пожарникари е проблем со кој се соочуваат противпожарните единици во целата држава.
