Македонски Каритас објави јавен повик за жени од Југоисточниот регион на Македонија за учество во програма која опфаќа четири еднодневни обуки посветени на женското лидерство, заштитата на животната средина и развојот на зелени иницијативи во локалните заедници. Повикот е отворен за индивидуални учеснички и за претставнички на граѓански организации од општините Богданци, Босилово, Валандово, Гевгелија, Дојран, Ново Село и Струмица. Бројот на учеснички е ограничен, а рокот за пријавување е 9 септември 2026 година.
Програмата има цел да ги зајакне знаењата и практичните капацитети на жените во областа на заштитата на животната средина, климатските промени и локалното лидерство, како и да создаде услови за нивно поактивно учество во креирањето и спроведувањето иницијативи од значење за заедницата.
Во рамки на обуките ќе бидат опфатени теми поврзани со одржливото управување со водните ресурси, отпадните води, чистењето и заштитата на реките и каналите, адаптацијата кон климатските промени, планирањето и управувањето со проекти во локалната заедница, како и улогата на жените во локалното лидерство, процесите на донесување одлуки и застапувањето за прашања од областа на животната средина.

Посебен дел од програмата е можноста учесничките, по успешното завршување на обуките, да аплицираат за микро-грантови за реализација на сопствени зелени иницијативи во своите локални заедници.
Избраните иницијативи ќе добијат финансиска и менторска поддршка во текот на нивната реализација, со што стекнатите знаења од обуките ќе можат да се преточат во конкретни активности и видливи придобивки за локалното население и животната средина.
Трошоците за учество во програмата се покриени во рамките на проектот.
Заинтересираните кандидатки можат да се пријават преку онлајн формуларот објавен на интернет-страницата на Македонски Каритас, https://caritas.mk/javen-povik-za-poddrska-za-zensko-lide/ .
Како што информираат од Македонски Каритас, датумите и локациите на четирите обуки дополнително ќе им бидат соопштени на избраните учеснички.
Програмата се реализира во рамки на проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода, санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, кој го спроведува Македонски Каритас со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија и Каритас Словенија.
