Македонската метропола од денес па до 8 септември ќе пулсира како никогаш досега.
По повод 35 години од независноста стартува серија музички спектакли, кои на една сцена носат голем број домашни, но и ексклузивни светски мегаѕвезди. Стартот на спектаклот е денеска во 20 часот на плоштадот Македонија, каде во рамки на прославата ќе настапи светски познатиот тенор Хозе Карерас заедно со македонски музички ѕвезди и Македонската филхармонија. Покрај шпанскиот тенор, на бината ќе настапат и плејада македонски музички ѕвезди – Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски. Настанот ќе се одржи на плоштад Македонија и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани. Музичкиот спектакл продолжува и на 2 септември на платото пред спортскиот центар „Борис Трајковски“. Два дена подоцна, на 4 септември, во рамки на карванот „Силно светнал ден“ во Скопје ќе настапат повеќе од 120 артисти на една сцена. На 8 септември, на Денот на независноста, пак, на Националната арена „Тоше Проески“ ќе настапи францускиот диџеј и продуцент на хаус музика, Дејвид Гета.
