Во издание на ИК „Славика либрис“ неодамна од печат излезе монографијата „Топономастички студии за Кичевскиот Регион“ од авторот Давор Јанкулоски, дело посветено на топонимиското наследство на Кичево и Кичевско.
Како што информира издавачот, монографијата претставува избор на студии произлезени од долгогодишна истражувачка работа на авторот и е насочена кон проучување на имињата на местата во Кичевскиот Регион, нивното потекло, значење и историско-културните слоеви што ги носат низ времето.
Во публикацијата се истакнува дека Кичевската Котлина, како јасно оформена природна и географска целина, заедно со богатото културно-историско наследство на регионот, придонела за создавање разновиден и повеќеслоен топонимиски фонд. Имињата на местата, според авторот, ги одразуваат природните карактеристики на просторот, но и општествените, културните и јазичните процеси што се одвивале низ различни историски периоди.

Монографијата укажува дека топонимите претставуваат значајни јазични сведоштва за минатото, бидејќи во нив често се зачувани архаични форми, стари значења и траги од историската и културната меморија на населението. Нивното проучување, се наведува, бара посебен научен пристап што овозможува подлабоко согледување на јазичната, историската и културната слика на еден простор.
Со изданието се настојува да се даде придонес кон подобро разбирање на топонимијата на Кичевскиот Регион, како и кон документирањето, афирмирањето и зачувувањето на неговото културно-историско наследство и културна меморија.
Авторот Давор Јанкулоски е доктор по филолошки науки и истражувач во Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Неговите научни интереси се насочени кон македонската дијалектологија и ономастика, етимологијата и граматичкиот систем на македонскиот јазик.
Тој е автор на повеќе научни трудови објавени во домашни и странски изданија, учесник на бројни научни конференции и меѓународни истражувачки проекти, а е добитник и на државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година, како дел од авторскиот колектив на научното дело „Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката – лексички материјали)“.
