Во Општина Маврово и Ростуше новата учебна година почна за над 350 основци и среднишколци, на кои градоначалникот Онер Јакупоски им посака успех, посебно на првооделенците кои за првпат зачекоруваат во светот на знаењето.
-На сите ученици, а особено на нашите драги првачиња кои денеска го прават својот најважен чекор во образованието, им посакувам многу здравје, среќа и неисцрпен успех во усвојувањето на новите знаења. На наставниците им посакувам инспирација и трпение во нивната благородна мисија, а на родителите да бидат горди на достигнувањата на нивните деца. Нека оваа учебна година биде исполнета со одлични резултати и нови успеси за сите нас, посака градоначалникот Јакупоски.
Тој на првачињата им подели училишни ранци и прибор, а ќе добијат и по 6 илјади денари паричен надоместок.


Поради масовната миграција во оваа општина години на ред се намалува бројот на првачињата и воопшто на учениците, како во четирите основни училишта, така и во гимназијата.
-Во прво одделение, според матичната книга на родени требаше да се запишат 195 а се запишани само 18 ученици, или девет помалку од минатата учебна година. Од нив две се во ООУ„Јосип Броз Тито“ во Жировница, каде во подрачното училиште во Сенце нема ниту едно прваче, во ООУ„Денче Дејаноски“ Маврови Анови се четири првачиња од нив две во училиштето во Маврови Анови и едно во Маврово, додека во Нистрово и Врбен нема ниту едно запишано прваче. Во ООУ „Блаже Конески“ во Скудриње имаме девет првачиња, од нив осум во Скудриње, едно во Аџиевци, во Присојница нема запишано прваче. Во ООУ „Хајан Селмани“ во Ростуше се 3 првачиња, додека нема запишани првачиња во подрачните учлишта во Велебрдо, Требиште и Јанче, рече Емир Емрулаи, одговорен во секторот за образование при општината.
Во гимназијата „Маврово-Ростуше“ во Ростуше наставата почна за 52 ученика или шест помалку од лани. Во прва година во оваа образовна институција запишани се 10 ученици.
