ООУ „Ацо Шопов“ во Општина Бутел за неколку дена ќе ја отвори новата надградба што беше децениско барање на жителите на Радишани, а ќе добие и нов затворен пливачки базен што веќе се гради, најави градоначалникот Дарко Костовски кој утрово, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, го посети училиштето и го означи почетокот на првиот школски час од новата учебна година.
Костовски напомена дека никогаш како сега не се вложувало во училиштата и во образовниот процес.
Според него, и оваа година Општина Бутел за сите првачиња обезбеди ранец со потребниот училишен прибор и училишни униформи.


-Паралелно на тоа што го одбележуваме 1 септември како почеток на учебната година, сведоци сме на голем број инвестиции од страна на Општината и Владата. ООУ „Ацо Шопов” е вистинско градилиште. За многу скоро од сега, за десетина дена, ќе ја отвориме новата надградба на училиштето, нешто што со децении го бараа родителите од овој дел на општината. Во ова училиште се гради и затворен базен. „Ацо Шопов“ доби и спортски центар, еден од најубавите во градот Скопје. Сето тоа е доказ дека Општина Бутел, но и Владата на директен начин го помагаат образовниот процес, не само тука, на територија на општина Бутел, туку согласно сите параметри и показатели, и на територија на Република Македонија. Успеав да наслушнам денеска од министерката дека можеби на над 50 места во моментов во државата или се градат нови училишта или се надградуваат постојни, што мислам дека не било досега никогаш ни одблизу тренд за Македонија, истакна Костовски.
И тој, како што рече, има прваче кое денеска прв пат поаѓа во училиште.
-Оваа година и јас имам чест да пратам првоодделенче во школо и навистина ја споделувам радоста со сите граѓани на општина Бутел, но и со сите граѓани во Македонија за тој чекор што ќе го направи, а кој е мал вовед во животот на сите наши деца, напомена градоначалникот.
Откако направија обиколка на школото и извршија увид во градежните работи, премиерот, градоначалникот и министерката им посакаа успешна година на првачињата, но и многу другарувања и стекнување нови пријателства и знаења.

-На сите ученици во основните и средните училишта ширум државата им посакувам успешна учебна година, да стекнат нови знаења и тие знаења понатаму низ пракса и работа да ги применуваат во сопствената татковина Македонија. Почнувате нова фаза од своите животи која ќе има многу предизвици. Животот не е едноставен. За жал, не е животот оној што најчесто се гледа по социјалните медиуми. Животот има многу предизвици кои треба да се решаваат, кои ќе треба да ги совладувате сами или со своите родители, другари и другарки во училиштето, рече Мицкоски.
Министерката Јаневска им порача на првачињата да бидат љубопитни, да прашуваат, да не се плашат да згрешат и логично да размислуваат. Таа упати порака и до родителите на учениците. Потенцира и дека се е подготвено за учебната година.

-На првачињата, нивните родители и нивните наставници им посакувам многу среќа во почетокот на учебната година и многу успех во нивната работа – во учењето. И на првачињата и на сите други ученици им порачувам дека треба да бидат љубопитни, дека треба да прашуваат, да не се плашат да згрешат, дека треба да следат логични мисли, дека треба многу да се дружат, дека треба да уживаат во училиштето кое ќе биде нивен втор дом, а наставниците ќе бидат нивни втори родители и низ игра и интерес во школите да го стекнуваат најголемото богатство кое може да го стекнат во текот на животот, а тоа е знаењето. На родителите им порачувам да обрнат малку внимание, особено од аспект на мирна училишна средина, без карање, без тепачки, зашто не постои проблем што не може мирно да се реши и кој децата низ дружба и смеа можат да го решат дури и самите, а особено со помош на возрасните. Подготвени сме за учебната година, учебници има, видливо е дека инфраструктурата се подобрува, видливо е дека обезбедуваме технички помагала и сè што е потребно, имаме кошничка со поевтини цени за ученичкиот прибор, рече Јаневска.
