Успешни училишни денови, другарување и стекнување нови пријателства им посака денеска на сите првачиња премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека за сите ученици во државата се обезбедени бесплатни учебници.
По пуштањето во употреба на доградбата на ООУ „Ацо Шопов“ во Радишани, општина Бутел, на првачињата им укажа дека животот не е едноставен, туку носи многу предизвици, кои треба да ги решаваат сами или со помиш на родителите.
– Сега почнувате една нова фаза од своите животи, која ќе има многу предизвици. Животот не е едноставен. За жал, не е животот оној што најчесто се гледа на социјалните медиуми, „Инстаграм“, „Тик-ток“ и слично, туку спротивно. Животот има многу предизвици, тие предизвици треба да се решаваат, да ги совладувате сами или заедно со своите родители, заедно со своите другари и другарки во училиштето – истакна Мицкоски.

На сите ученици во основните и средните училишта во државата им посака успешна учебна година, да стекнат нови знаења и тие знаења понатаму низ пракса и работа да ги применат во сопствената татковина Македонија.
Премиерот потврди дека во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници, нешто што, според него, до пред три години претставувало мисловна именка и било невозможно.
Многу среќа во почетокот на учебната година и многу успех во учењето на првачињата, нивните родители и наставници им посака и министерката за образование и наука, Весна Јаневска

– Ним и на сите други ученици им порачувам дека треба да бидат љубопитни, треба да прашуваат, да не се плашат да згрешат, треба да следат логични мисли, треба многу да се дружат, да уживаат во училиштето, кое ќе биде нивен втор дом, а наставниците ќе бидат нивни втори родители и низ игра и интересен престој во училиштата да го стекнуваат најголемото богатство што може да го стекнат во текот на животот, а тоа е знаењето – истакна Јаневска.
