Реклама

Уште не сме се справиле со западно-нилска треска, а сега нè демне можна опасност од епидемија на мали сипаници

Први септември – наместо училишна радост, крвава со нож пресметка меѓу 13-годишно деца, едното се бори за живот

Убиец што Македонија го бара да лежи 12,5 години затвор се појави на бугарска ТВ за да ја брани ќерката од судот во Кочани

Нов документ за проширување, нова можност за Македонија: Побрз пристап до пазарот, платежниот систем на ЕУ, укинување на роамингот…

Тошковски бара храброст од Обвинителството вистински да се истражи криминалот со набавката на мазутот

Мицкоски: Бесплатни учебници, реновирани училишта, сали и базени – образованието останува приоритет

Арсов: Националниот центар за податоци ќе ги поврзе институциите и ќе ги забрза услугите

Пресврт во случајот „Мазут“ предметот повторно се отвора

Исланд со црвено светло за Брисел: Македонија не смее да се откаже од ЕУ по исландското „НЕ“

Откорнати кровови, паднати дрва, блокиран сообрајќај-силно невреме го погоди истокот

„Колегиум“ на Алфа ТВ стартува утре – дебата без ракавици

Младите да останат дома – општините со мерки против иселувањето и белата чума

Македонија

Даниела Димовска, претседателка на Кривичниот суд: Од судиите секогаш барам одговорност, на судот е да им обезбеди услови за работа

Претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, го сумира преземањето на мандатот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, го сумира преземањето на мандатот по 14 месеци вршителка на должност на судот, кој се наоѓа под постојано око на јавноста, а довербата во правосудството е еден од најголемите општествени предизвици. Таа отворено одговара на критиките за префрлање на топката меѓу судот и Обвинителството порачувајќи дека судот не смее да ја презема улогата на обвинителот и открива како со 130 вработени помалку успеале да го намалат бројот на стари предмети за над 50 проценти.

„Во однос на квалитетот на обвиненијата, би била внимателна. Одбраната, која многу ја почитувам и ценам, често истакнува забелешки дека определени обвиненија не се доволно квалитетно подготвени или дека доказниот материјал не го достигнува потребниот доказен стандард. Гледано низ бројки, бројот на ослободителни пресуди е незначителен во однос на вкупниот број предмети. Токму тука се наоѓа еден од најголемите предизвици за судот. Доколку обвинението или доказниот материјал не се доволно квалитетни, а притоа нема ослободителни пресуди, тоа може да создаде впечаток дека судот ја надоместува улогата на Обвинителството. Меѓутоа, судот не смее да ја презема таа улога. Наша задача е единствено непристрасно да ги оцениме доказите што се изведени во текот на постапката“, вели Димовска.

Го преземате мандатот по една година вршителка на должност претседателка на Кривичниот суд… Веќе ги знаете состојбите, па што можеме да очекуваме во првите шест месеци – некоја промена, која ќе биде видлива и за граѓаните?

Реклама

Со оглед на тоа што веќе 14 месеци ја извршувам оваа функција, единственото што можам да го ветам е дека ќе продолжиме со истото темпо и истата посветеност. За овој период успеавме не само да го совладаме приливот на предмети, туку и да го намалиме за речиси 4.000, па денес сме меѓу ретките судови што се ажурни. Годинава значително го намаливме бројот на стари предмети, односно за приближно 53 отсто, а не дозволивме ниеден предмет да ни застари. Продолжуваме и со процесот на дигитализација и транспарентност. Проектот за анонимизација на судските одлуки е во завршна фаза, а во тек е и постапка за добивање одобрение од Судскиот совет за нова веб-страница на судот, која треба да обезбеди подобра достапност на информациите за граѓаните. Некои од услугите, како што е потврдата за казнена и кривична евиденција, веќе се дигитализирани и се најкористената дигитална услуга.

И покрај тоа што сметам дека главното мерило за успешноста на судот треба да бидат донесените пресуди, а не само одлуките за мерките за обезбедување присуство во текот на постапката, сепак се посветивме на една од најчувствителните области – притворот. Затоа бројот на притвори се намалува, а истовремено ја зголемуваме примената на гаранциите и другите мерки за обезбедување присуство на обвинетите во постапката, без непотребно лишување од слобода.

За наредните шест месеци нема да давам големи ветувања, но очекувам резултатите да бидат видливи.

Кривичниот суд беше еден од најконтроверзните судови изминативе години… Се изнагледавме куќни притвори за функционери обвинети за милионски криминал, како оној на Груби, а ефективен притвор се одредуваше за ситни криминалци. Изградивте ли некаков став како колегиум кога треба да се одредува мерката притвор за висока корупција независно од тоа што го бара Обвинителството како мерка за обезбедување? Имаше преписки дека Ви се врзани рацете со предлогот на обвинителот, но доколку судијата е убеден дека е потребен притвор, сепак, дали може да биде креативен и храбар за да најде законски основи?

Во Кривичниот суд се решаваат најзначајните и најчувствителни предмети, особено оние поврзани со висока корупција и злоупотреба на службената положба. Тоа значи дека секоја одлука има голем јавен интерес и често предизвикува разни реакции. Кога станува збор за притворот, мора да се има предвид дека правото е живо и креативно, но креативноста секогаш има своја рамка! Судијата не може да постапува произволно, но може и мора внимателно да ги цени сите околности на конкретниот случај. Притворот не смее да биде ниту реакција на тежината на обвинението ниту привилегија што следува со статусот на обвинетиот. За секое лице мора да важат исти критериуми. Храброста, пак, не значи носење одлуки за да се задоволи јавноста, туку одлуката да се темели исклучиво на докази и факти, без оглед на тоа за кого станува збор. И не можам да ви речам „не го разбирам прашањето“, но можам да кажам дека со колегите секојдневно разговараме за подобрување и изедначување на овие практики.

Неодамна во Вашето интерно списание излезе извештајот за работата на Кривичниот суд… Бројките се охрабрувачки – сѐ помалку застарени предмети и предмети во фиока. Како го решавате овој проблем?

Старите предмети ги решаваме системски, а не со привремени мерки. Охрабрувачките бројки се резултат на сериозна организација на работата, континуирано следење на предметите и посветеност на судиите и судската администрација. Она што го прави овој резултат уште позначаен е фактот што сето тоа го постигнавме со речиси 130 вработени помалку од пред некоја година. Тоа значи дека товарот врз вработените е исклучително голем, но и дека постојат огромна професионалност, одговорност и посветеност кај нив. Судската администрација е суштинска поддршка на правдата и заслужува почит и услови за достоинствена работа.

За мене, сепак, намалувањето на старите предмети не е само статистика. Зад секој предмет стои човек што чека правда. Затоа, целта не е само да покажеме подобри бројки, туку да создадеме систем во кој предметите ќе се решаваат навремено, а граѓаните нема да чекаат со години. Резултатите се охрабрувачки, но не се причина за задоволство и запирање. Тие се само потврда дека можеме повеќе, особено ако обезбедиме услови, кадар и ресурси соодветни на обемот на работата.

Како претседателка на Кривичниот суд, како менаџирате со судиите во однос на нивната работа? Ќе барате ли одговорност за оние што не ги завршуваат предметите, кои тактизираат или, пак, за оние кај кои постои сомнеж за корупција?

Најпрвин сакам јавно да им оддадам признание на моите колеги судии. Имаме генерација судии со богато искуство и знаење, кои го носеле судството во најтешките моменти. Имаме и млади судии, кои се енергијата и новиот пристап што ќе ги носат неопходните промени. Од судиите секогаш барам одговорност, но истовремено мора да им создадеме услови во кои таа одговорност може реално да се исполни. Судиите од Кривичниот суд се подготвени да судат секој ден, и судат секој ден, сѐ со цел да се намали времетраењето на судските процеси. Но, проблемот не е во нивната волја, туку во капацитетот со кој засега располагаме. Со недоволен број стручни соработници, уште помалку записничари и огромен број предмети, најголемиот товар неизбежно паѓа на судиите. Затоа сметам дека одговорноста и условите за работа мора да одат рака под рака. Од судијата можеме и треба да бараме ефикасност, професионалност и отчетност, но обврска на институцијата е да обезбеди луѓе, време и ресурси за да може да го постигне тоа. И, да, судиите не бараат привилегии, туку можност да ја вршат својата работа како што од нив очекува јавноста, а тоа е професионално и навремено.

Имаше неколку ситуации кога Кривичниот суд и Јавното обвинителство си ја префрлаа топката за притворот на Груби, застарувањето на предметите и ослободувањето на Груевски, а имаше и лични коментари од Савески на оваа тема… Обвинителството и судот се две страни во постапките, но сепак мора да постои соработка. Каков е Вашиот личен однос со Савески и дали сте задоволни од тоа какви предмети стигнуваат до судот – во смисла како се сработени и дали содржат доволно докази врз основа на кои еден судија може да донесе пресуда?

Не би се согласила со оценката дека судот и Обвинителството си ја префрлале топката, туку во ситуациите што ги наведовте навремено и транспарентно ја информиравме јавноста за надлежностите што ги имаме како суд и нашето постапување. За оние што го практикуваат правото, нема дилеми дека судот не може да излезе од рамките на предлогот на јавниот обвинител на штета на осомничениот, односно ако јавниот обвинител, кој ја води истрагата, смета дека мерката куќен притвор му е доволна да обезбеди присуство на осомничениот, законот не му дозволува на судијата да одлучи поагресивно или построго. Во однос на последната пресуда за Груевски, и покрај кратките временски рокови, судијката што постапуваше по предметот успеа да ја изготви одлуката за да има можност да биде преиспитана од повисокиот суд. Судиите треба да работат, да носат законити и образложени одлуки и преку својата работа да ја градат довербата на јавноста, а не да се правдаат.

На односот меѓу судот и Обвинителството не гледам како на однос на спротивставени институции, туку како на институции со разни улоги во системот. Токму затоа постои јасна граница меѓу нашите надлежности, но истовремено и професионална и институционална соработка, која е неопходна за ефикасно функционирање на правосудниот систем.

Како претседател на Основниот кривичен суд Скопје, пандан на институцијата со која раководам во однос на институционалната комуникација е Основното јавно обвинителство Скопје, како и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, па затоа соработката се одвива со шефовите на овие обвинителства – јавните обвинители Абази и Фидовски.

Во однос на квалитетот на обвиненијата, би била внимателна. Одбраната, која многу ја почитувам и ценам, често истакнува забелешки дека определени обвиненија не се доволно квалитетно подготвени или дека доказниот материјал не го достигнува потребниот доказен стандард. Гледано низ бројки, бројот на ослободителни пресуди е незначителен во однос на вкупниот број предмети. Токму тука се наоѓа еден од најголемите предизвици за судот. Доколку обвинението или доказниот материјал не се доволно квалитетни, а притоа нема ослободителни пресуди, тоа може да создаде впечаток дека судот ја надоместува улогата на Обвинителството. Меѓутоа, судот не смее да ја презема таа улога. Наша задача е единствено непристрасно да ги оцениме доказите што се изведени во текот на постапката.

За крај, ретко на чело на Кривичниот суд гледаме жена раководител… Дали жена може полесно да се справи со лошата состојба во судството и каква жртва бара тоа?

Не мислам дека жена полесно може да се справи со состојбите во судството само затоа што е жена, но верувам дека животот нас жените често нѐ учи да бидеме силни на еден поинаков начин. Ваквата одговорност во историјата на Кривичниот суд пред мене ја имале само две исклучителни судијки, кои многу ги ценам, па токму тоа е дополнителна одговорност и предизвик за мене. Во судството, каде што секојдневно се соочуваме со тешки одлуки и голема одговорност, жените често покажуваат извонредна способност истовремено да бидат и цврсти и човечни. Може да слушаат, да разберат, но и да донесат принципиелни одлуки. Можеби токму способноста да се носат истовремено повеќе улоги и одговорности во животот создава една посебна форма на издржливост – тивка, но многу силна. Најчесто, кога жените професионално созреваме, децата веќе ни се тинејџери, па во исто време се отвораат многу фронтови, кои бараат пожртвуваност, но токму женското лидерство во правосудството го гледам како борба за општествено добро, кое секогаш има смисла бидејќи е за нашите деца!