– Успешно заврши бесплатната школа за пливање во општина Кавадарци. Годинава беа опфатени над 160 учесници, соопштија денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Оттаму појаснија дека децата имаа можност да ги научат и усовршат основите на пливањето, да стекнат поголема сигурност во вода и пред сѐ, преку спорт, дружење и забава, да поминат квалитетно и активно лето.
– Школата се реализираше во одлични услови на Градскиот реновиран базен, создавајќи пријатна, безбедна и мотивирачка средина за учење, спорт и забава. Покрај часовите по пливање, за најмладите беа организирани и различни интересни активности, игри и дружења, што дополнително придонесоа за позитивното искуство – споделија од кабинетот на Јанчев.

Притоа беше нагласено дека особено значајно е што со децата работеле професори по физичко и здравствено образование. Тие со својата стручност, посветеност и професионален пристап, им помогнале на учесниците да ги совладаат основните техники на пливањето, да стекнат самодоверба во вода и да развијат позитивен однос кон спортот.
– Големиот интерес за школата уште еднаш покажа дека кавадаречките деца и нивните родители ја препознаваат важноста на спортот, физичката активност и здравите навики уште од најмала возраст – подвлекоа од кабинетот на Јанчев.
