Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на маргините на Бледскиот стратешки форум, оствари средба со потсекретарот за политички прашања во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави, Алисон Хукер.
На средбата, информираат од МНРиНТ, беше потврдено високото ниво на билатералните односи и цврстото стратешко партнерство меѓу двете земји, како и заедничката определба за негово натамошно продлабочување и проширување во областите од заемен интерес.

Соговорниците разговараа за енергетската безбедност, регионалната поврзаност, како и за натамошното унапредување на економската и трговската соработка.

Воедно, беа разменети мислења за актуелните безбедносни предизвици и состојбите во рамките на НАТО.
На средбата беше нагласено дека стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и сојузништвото во Алијансата претставуваат значаен придонес кон колективната безбедност, стабилноста и отпорноста на регионот.
