Ниту едно 15-те подрачни училишта во општина Прилеп нема да се затвори, ниту пак некој наставник ќе остане без работа, нагласуваат од прилепската локална самоуправа од каде велат дека се подготвени за почетокот на новата учебна година. Сепак, останува проблемот со намалена бројка на првачиња, кои годинава се за 30-тина помалку од лани.

-Ниту едно подрачно училиште во склоп на централните во општина Прилеп нема да биде затворено. Тоа е најбитно за населените места во Општината каде се задржува досегашниот начин на живот. Нашата основна цел е да ги задржиме младите родители, младите луѓе да живеат во населените места , а со тоа да ги поттикнеме да функционираат, да работат од земјоделството, а преку производите да се подобрува економскиот капацитет на Прилеп. Нема загрозено населено место, продолжуваат да фунционираат сите подрачни на општинските училишта и со ова сметам дека оптимизацијата е одлично завршена. Со гордост можам да кажам дека во Прилеп ниту еден наставник нема да остане без работа, вели Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
По први септември ќе биде објавен јавен повик за еднократна помош на сите првачиња во висина од 3 000 денари. А бројот на првачиња за 30-тина е помал од лани, иако градските власти се надеваат дека ќе се ублажи бројката поради трендот на задоцнет упис и во нарените два месеца.


– Ниту еден наставник во моментов нема да биде отпуштен од работа. Ова година имаме над 510 првачиња. Од лани, околу 30 ученици има помалку. Но со оглед на тоа дека ќе се запишуваат дечиња и во наредниот период, сметаме дека нема да има некој голем пад на бројот на првачињата, вели Гоце Бумбароски, советник во општина Прилеп.
Во Прилеп се 10 основни училишта. Од нив седум се во урбана, а три се во друга средина. Имаме околу 5 600 ученици кои ќе посетуваат настава од прво до деветто одделение. Наставата ќе се одвива во 333 одделенија- класови.

