Водата во Дојранското Езеро не ја загубила својата лековитост, напротив, се уште е барана, особено меѓу туристите од соседна Србија, поради присуството на јод кој доаѓа од цветање на алгите во летниот период, велат мештаните. Семејства со деца од претшколска возраст, како и возрасни, особено постари лица со различни здравствени нарушувања се редовни посетители во изминатите години, раскажуваат жителите кои изнајмуваат сместувачки капацитети во Дојран.

Тони Изов е дојранчанец кој последните неколку години ја преземал работата на својот покоен татко да биде единствениот управувач со туристички чамец кој на посетителите им ја нуди прошетката по вода до изворите на Дојранското Езеро. Тони викендов ја презентираше својата секојдневна тура, тргнувајќи од Градската плажа и водејќи не до езерските извори. Тој вели дека особено голем интерес за лековитоста на езерото има кај српските туристи.

-Туристи што престојуваа кај нас раскажуваат дека доктор педијатар од Белград пратил свои пациенти на петнаесетдневен престој во Дојран за лекување на деца. Вакви примери имаме постојано, фамилии од Лесковац, Ниш, Шабац доаѓаат наменски тука да седат по десеттина дена за да се лечат. Имам еден турист кој веќе трета година по ред доаѓа и отседнува во Дојран, со проблеми со кичмата, сега се чувствува далеку подобро од тоа што беше кога првпат дојде. Сите овие луѓе навистина виделе благодет од престојот тука и не го менуваат Дојран за ништо – ни раскажа Изов, водејќи не кон изворите на езерото.


Додека управува со чамецот Тони објаснува дека до два метри длабочина езерото има видливост и се гледа неговото дно, што говори за неговата чистота, а впечатливо за Дојранското Езеро е и тоа што бојата не се менува ниту во подалечните и подлабоки делови, туку езерото во август ја има доминантната зелена боја.
-Од изворите водата се користи за грло, за крајници, некои си ја пијат, некои ја користат кај помали деца само за жабуркање на устата. Докажано е со векови наназад дека се излечени многу генерации. Според традицијата од овие извори кои се подземни е настанато езерото. Тоа се два до три извори кои со текот на времето се со послаб интензитет, а порано можело да се види како водата извира на тоа место. Каде што се лоцирани изворите таму е и најголемата длабочина на езерото од околу 12 – 13 метри. Тие се на околу 300 метри оддалеченост од грчката страна, значи се наоѓаат во македонскиот дел, во близина на местото Мрдаја, вели Тони и додека раскажува црпнува полна чаша вода од средиштето на езерото, која видливо е чиста и проѕирна, за да се напие од неа.

Езерските бранови и високите температури влијаат за формирање на зелениот талог покрај крајбрежјето на езерото, што луѓето си го толкуваат секој на свој начин, смета Изов. Забележливо е, вели младиот дојранчанец, дека поради повлекувањето на водата откако не работеше хидросистемот, езерото може на природен пат да се чисти секое утро, што не беше возможно кога езерската вода беше искачена до ѕидот.
-Сега и самата вода доби природен пат, односно слободно крајбрежје каде што може да се чисти, па затоа оваа сезона немаме такви зелени наслаги како што имавме во претходните години. Кога водата стигнуваше до ѕидот го враќаше ѓубрето на следната плажа и се така во круг бидејќи немаше простор каде да се исфрлат насобраните наслаги.
Сите деца кога одат на плажите ќе се напијат и од водата, ќе ја потопат главата и ќе голтнат вода, а во апартманите постојано доаѓаат семејства со мали деца, па никој не се пожалил. Сега последно имавме гости од Битола со мали деца, дојдоа цели зарипнати, со затнат нос, не можеа да дишат, но тука од еден ден престој веднаш се подобрија – вели тој.

Истото ни го потврдија и летувалците кои ги сретнавме на Градската плажа. Средено и чисто, мирно, без преголем метеж, тука е идеално за млади семејства и за постари лица, а езерото е лек без пари, велат тие.
-Од Куманово сме и постојано доаѓаме во Дојран. Ни се допаѓа тука, водата е топла, доаѓаме во август за да ги користиме алгите. Некаде после 17 август летуваме овде, пред се, за да влеземе во зелената вода, оти е лековита и топла, ни помага за целото тело – вели еден брачен пар во пензија.
За младата мајка од главниот град која ја затекнавме на плажата, најважно во ова туристичко место и е топлата вода во која без проблем може да го остави своето дете без страв дека ќе се разболи, но и мирот што го нуди Дојран како туристичко место.
-Дојдена сум овде со семејството после подолго време. Го сакам Дојран, бидејќи сум од Струмица, сум доаѓала тука многупати, а сега живеам во Скопје. Ми се допаѓа сега, бидејќи не е преполно, нема гужви и мирно е, а водата е топла, за децата е супер – ни раскажа оваа посетителка на Дојран.

Го оставаме Дојран зад себе, во искусните раце на неговите мештани, се уште да ја пренесуваат од генерација на генерација приказната за неговите извори и сведоштвата за лековитоста на водата од ова најмало тектонско езеро во Македонија.

