По повод празникот Успение на Пресвета Богородица, Македонското друштво „Илинден” – Тирана денеска упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите православни верници.
- Дозволете ми во мое лично име и во име на друштвото и на македонско национално малцинство во Република Албанија, Вам лично, на вашето свештенство, на сите Македонци каде и да се во светот и на сите православни верници, да ви го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.
Упатува желби за добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина.
- Празнувањето на овој голем празник значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Со силата на светото име на мајката Божја во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов, благодат, душевен мир, среќа и топлина во нашите семејства. Ваше Блаженство, Ви ги упатуваме изразите на нашето највисоко почитување – се наведува во честитката.
Се посочува дека негувајќи ја традицијата го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани, следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила.

