Реклама

„Училишна кошничка“ со пониски цени: Приборот поевтинува 15%

Вчерашното невреме со град уништи огромни површини со тутун во долненскиот регион –

Пoмалку првачиња и затворени рурални училишта: Новата учебна година почнува со демографски предизвици и реформи

Кос: ЕУ ги менува правилата за проширување, не смееме да прифаќаме тројански коњи

Демографски аларм-се помалку ученици и студенти во Македонија

Ќе изгаснат еден, веднаш избувнува нов: По тешката ноќ на Китка, фронтот се пресели кај новиот пожар во Градско

Мицкоски: Не сме исти, ни на сон не би сакал да бидам како Венко Филипче и СДСМ

Мицкоски за „Брајтбарт“: Договор за нулта царини со САД, Брисел не предаде и излажа

Половина евро поевтини: Македонија останува „главна бензинска пумпа“ во регионот

Скопје под чад од пожари на Китка и Жеден

Контроверзниот Абази брои ситно: Расчистува пред да замине за да остави „чиста сметка“ пред тие што го поставија

На Филипче не може да му се најде крајот: Бил подготвен за избори, ама од соочување со народот бега како од ѓавол

Македонија

Мајка Тереза: Светот повеќе страда за љубов и почит отколку за леб, 116 години од раѓањето на нобеловката од Скопје 

„Светот повеќе страда за љубов и почит отколку за леб“ – е…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

„Светот повеќе страда за љубов и почит отколку за леб“ – е една од најпознатите и често цитиранaта порака на Мајка Тереза за солидарност и емпатија затоа што осаменоста и чувството дека си непожелен, според неа, се потешки од лепрата и туберкулозата. 

Мајка Тереза (света Тереза од Колката) е родена на денешен ден пред 116 години во Скопје, во католичко семејство со албанско потекло. Била трето дете на Драна и Никола Бојаџиу, кој во Скопје дошол од Призрен. Пред неа ги имале ќерката Ага и синот Лазар, а на 26 август 1910 им се родила и таа – Гонџа Агнес. 

За нејзиниот животен пат се посветени многу публикации, меѓу другите и „Мајка Тереза – чудесни приказни“ од австрискиот свештеник Лео Масбург, која кај нас беше преведена од германски и промовирана за 100-те години од раѓањето на Мајка Тереза. Откога случајно ја запознал во Рим, често бил со неа на патувања во светот и во книгата тој сведочи како Мајка Тереза ги практикувала начелата за добрина и хуманост, што ќе резултира и со добивањето на Нобеловата награда за мир во 1979 година. 

Реклама

– На многубројните патувања на коишто имав можност да ја придружувам во нејзините поодминати години, доживеав нешто како просветлување и одушевување од нејзината личност. За нашиот медиумски свет, алчен за секаков вид ѕвезди, таа претставуваше една невообичаена, неповторлива и светла ѕвезда, опкружена не со богати и убави, туку со најсиромашните меѓу сиромашните, со изобличените и со отфрлените од општеството. Една силна и мудра, харизматична и покорна личност, која не сака да владее, ами сака да служи – напиша Масбург во предговорот.

Во таа книга (со поднаслов „Мајка Тереза – портрет на една чудесна светица полна со шарм, дух и хумор“), на која денес поводно се потсетуваме, католичкиот отец пишува дека Гонџа Агнес Бојаџиу во Скопје учела во српско училиште и била деветгодишно девојче кога татко ѝ починал на 46 години. Мајка ѝ била побожна жена и со сестра си тие често оделе на миса на језуитите во црквата „Пресвето срце Исусово“, која се наоѓала на местото каде што е денес Спомен-куќата на Мајка Тереза – во строгиот центар на Скопје. На 18 години решила да замине во Даблин со језуитските сестри од редот Лорето и таму работела како воспитувачка и учителка. Калуѓерското име го избрала по света Тереза од Лисие, која ѝ била омилена и ѝ станала заштитничка. Мајка си и сестра си, Драна и Ага, не ги видела никогаш, зашто во 1934 се преселиле во Тирана, а режимот таму, вели Масбург, не ѝ давал дозвола на Мајка Тереза да влезе во Албанија.

Во 1928 во Даблин се приклучила на Сестрите Лорето за да оди во Индија, во 1929 во градот Дарџилинг (во северна Индија под Хималаит) го почнала искушеништвото (новицијатот) и во 1937 дала вечен завет. 

Денот 10 септември 1946 бил пресуден – патувала со воз од Калкута кон Дарџилинг и, одејќи до железничката станица во Калкута, видела голема беда и сиромаштија. Првпат слушнала повик од Исус. Неговиот глас ѝ велел: „Жеден сум“ – т.е. ги слушнала последните зборови на Исус пред да умре на крстот (според Евангелието по Јован).

Научила бенгалски и малку хинду кога дошла во Индија каде што ќе остане до крајот на животот. 

– Една од ретките изјави на Мајка Тереза за себеси гласи: „Од раѓање сум Албанка, денес сум индиска државјанка. Но јас сум, исто така, католичка сестра на редот. Што се однесува до мојата работа, му припаѓам на целиот свет, но во моето срце му припаѓам само на Христос“. Со тоа разбирливо се разјаснуваат односите на сопственост – пишува авторот. 

Години подоцна, вели Масбург во книгата, некој индиски новинар ѝ рекол: „Мајка Тереза, Вие не сте родена Индијка, туку натурализирана Индијка“, а таа му одговорила: „Јас сум повеќе Индијка од Вас. Јас одлучив да бидам Индијка, додека Вие сте немале избор“.

Во 1948, по 20 години приврзаност, го напуштила редот Сестрите Лорето, си заминала од манастирот за да живее неизвесно со најсиромашните и го создала редот Милосрдни сестри. Во Куќата на Мајката во Калкута нив ги имало 300. Живееле во согласност со т.н. завет на сиромаштија, зашто само така можеле да ја разберат немаштијата и бедата – немале ТВ или радио. Секој ден им почнувал со чистење на куќата и, сите на еден бунар, ги переле закрпените сари на кои нечистотијата постојано се лепела поради загадениот воздух во Индија.

Мајка Тереза утврдила статут со три главни точки: доверба со љубов, целосна преданост и веселост. Во 1959 година во Индија основала голем центар за болни од лепра и го нарекла Место на мирот (Шанти Нагар) и едно село за лепрозни, 300 км од Калкута, каде што тие се издржувале со сопствен труд.

Масбург во книгата раскажува за многуте мисии низ светот, меѓу нив и опасни, во земји под режими, каде што, сепак, таа успевала да ги убеди диктаторите да отвори куќа на Сестрите на милосрдието. Во СССР католицизмот бил забранет. Како што вели Масбург, „центарот на комунизмот“ не дозволувал милосрдни сестри затоа што, „за разлика од Западот, тие на луѓето им обезбедувале сè што им е потребно и затоа немале сиромашни“. Мајка Тереза на тоа одговорила: „Но ние даваме љубов и нежна грижа на некој што нема никого, а тоа државата не може да го даде“. 

Дури во 1985, кога на власт дошол Михаил Горбачов, почнало да се дозволуваат добротворни организации. Таму луѓето слушнале за Мајка Тереза кога на фестивал во Москва виделе филм што за неа го снимиле две француски режисерки и било решено да ѝ  се даде награда за мир од Советскиот комитет. СССР ја поканил Мајка Тереза да дојде за наградата и таа првпат била во Москва во 1987.  За десет години (до нејзината смрт на 5 септември 1997) во (веќе распаднатиот) СССР се намножиле 15 живеалишта на Сестрите на милосрдието.

Со своите милосрдни сестри Мајка Тереза одела секаде да помогне каде што ќе се случела несреќа: имале мисии по земјотресот во Ерменија (1988), по нуклеарната катастрофа во Чернобил во денешна Украина (1986), по поплавите во Бангладеш (1972),  во Шпанија барала куќа за сирачињата со сида. Посвоила многу инвалидни деца, некои „отпишани“ како неспособни за живот. 

Придобивачка милосрдност и шармантно разоружување 

Авторот Масбург раскажува и за нејзината емпатичност, духовитоста и свесната одлука да го гледа само доброто во светот полн со зло. Сакала многу да подарува и со многу љубов и топлина, зашто начинот на давањето ѝ бил поважен од самиот подарок. Сакала многу чоколадо и, се сеќава тој, се случувало да им дава чоколадо на патниците и на пилотите во авион. Ништо не чувала за себе, сè што ќе добиела го давала на друг, затоа што: „Целосното непоседување е парче слобода и затоа сè што не е веднаш употребливо е само товар. А ако во иднина ми притреба нешто, Бог ќе ми помогне“. 

Постојано пишувала писма – до пријатели, до политичари, до деца. Секого го поздравувала со широка насмевка и секој кој ќе ја посетел имал чувство како таа само него да го чекала цело време. Масбург се сеќава дека кога разговарала со некого, целосно се сосредоточувала како да постоел само тој човек – особина што тој ја опишува како: „придобивачка милосрдност и шармантно разоружување“.

Свесно одлучила да го гледа само доброто, но не била наивна. Знаела за корупцијата во Калкута, вели Масбург, па така, кога некој соговорник ја прозвал „да се разбуди“, му рекла: „Знам дека има корупција, но знам и дека има добрина. Јас одлучив да го гледам доброто“.

Советувала да не се слушаат негативни приказни за некого и како да се реагира на навредите и обвинувањата: „Подобро е да се извини отколку да се обвини. Ако некого го осудуваш, немаш време да сакаш. Еден грев кој никогаш не морав да го исповедам беше дека сум осудила некого. (…) Ако некој те обвини, прашај се прво има ли право? Ако има, тогаш појди кај него и извини се. Ако нема правда, тогаш земи ја навредата со двете раце и не испуштај ја, туку прифати ја дадената можност и дај му ја на Исус како жртва. Радувај се, зашто имаш нешто вредно да му дадеш“.

Неуспесите не ја фрлале во криза. „Знам дека Бог нема да ми даде нешто што не можам да го носам. Но, понекогаш, би сакала да нема толку голема доверба во мене“.

Насмевката за неа е многу важна: „Веселоста е мрежа на љубовта со која може да ги ловиме душите. Насмевката да не биде само израз на нашите чувства, туку да биде волја“. Според неа, искушенија доаѓаат кога е човек тажен и променлив во расположението. „Една сестра со променливо расположение е топка во рацете на ѓаволот. Со неа тој може да прави што сака. Затоа, кога си тажен и нерасположен, тогаш ќе бараш околу себе каде можеш да ја заситиш гладта за љубовта. За да останеш невин, ти треба доблеста на радоста“. 

Мајка Тереза, вели авторот, не правела разлика меѓу луѓето според нивната вера и секој што немал каде да живее бил прибиран во Куќата за умирање (Нирмал хридај т.е. Место на непорочно срце), добивал внимание и грижа пред смртта, а кога ќе умрел, бил погребуван според обичаите на неговата религија.

Некогаш некои радикални приврзаници на хиндуизмот, пишува Масбург, протестирале обвинувајќи ја Мајка Тереза и милосрдните сестри за прозелитизам и барале да бидат протерани од Куќата за умирање која била блиску до хинду храмот Кали. Но, таа ги уверила дека е „мисионерка што шири љубов и преобратува срца, а не луѓе од друга вера“. Дошле со стапови и камења, а Мајка Тереза, вели Масбург,  без страв излегла и му дошла на водачот на групата во пресрет. Го внела во Куќата за умирање со свои очи да види што прават таму. Кога човекот излегол им рекол на неговите: „Ќе ги протерате тогаш кога вашите мајки и сестри ќе го прават тоа што го прават овие сестри“.  

Ги натерала и на заедничка молитва политичарите од разни страни на светот на Генералното собрание на Обединетите нации во 1985.

Во последните триесетина години од животот Мајка Тереза секој трети ден во просек го менувала престојот (куќата, земјата или континентот). Била привилегирана да има многу пасоши – индиски (вклучително и дипломатски), ватикански, пасош од САД – кога ѝ дале државјанство.  Куп награди што ги добила биле ставени во обична кутија. Денес тие се чуваат во Куќата на Мајката во Калкута каде што е нејзиниот гроб. Не се вообразила поради почестите, велела: „Молив сум во раката на Бог. Сè е Негово дело“.

Лео Масбург со анегдоти ја опишува и духовитоста на Мајка Тереза како одлика на нејзиниот карактер. Меѓу повеќето што ги содржи книгата е и онаа за посетата на бискупот од Словачка, Хнилица, кој бил нејзин добар пријател. Немал каде да преноќи и побарал да се засолни во Куќата за умирање. Таа прифатила, но му рекла да ѝ вети дека нема да умре таа ноќ, зашто погреб на еден бискуп ќе ги чини скапо.

Мајка Тереза имала проблеми со срцето и страдала од артроза па затоа одела поднаведнато. Почина на 5 септември 1997, десет дена по 87. роденден и погребана е на 13 септември 1997. На саркофагот во Калкута се впишани зборови од 15. глава од Евангелието по Јован: „Љубете се еден со друг, како што јас ве возљубив“.

Откога Ватикан официјално ги утврди чудата на Мајка Тереза, таа беше прогласена за блажена на 19 октомври 2003 од папата Јован Павле Втори, а на 4 септември 2016 папата Франциск ја прогласи за светица – света Тереза од Калкута. 

Над 1,5 милион посетители на Спомен-куќата во Скопје од отворањето во 2009

За почесен граѓанин на Скопје Мајка Тереза била прогласена на 27 јуни 1980 и за неа се врзува епитетот „најпознатата скопјанка во светот“. Сеќавањата за нејзиниот живот и хуманата мисија се чуваат во Спомен-куќата во центарот на Скопје. Изградена е во 2009 година на местото на кое од 1902 до скопскиот земјотрес во 1963 постоела католичката црква „Пресвето срце Исусово“, каде што Гонџа Агнес Бојаџиу била крстена како бебе. 

Овој музеј е меѓу најпосетените во државата од странски туристи и е дел од програмите на голем број организирани тури во кои е вклучено Скопје. 

Директорката на оваа национална установа, Соња Кузмановска, за МИА изјави дека годишно во просек имаат помеѓу 80.000 и 100.000 посетители и оти бројот се зголемува паралелно со зголемувањето на бројот на туристи во државата. Покрај туристи, чести посетители се и поклоници кои доаѓаат и поради капелата, која е во состав на објектот, каде што свештеници од Католичката црква одржуваат миси. Имаат и домашни гости и ја радува, вели, тоа што редовно имаат и организирани посети од ученици од целата држава.

-Од отворањето во 2009 година нè имаат посетено помеѓу 1.500.000 и 1.600.000 посетители. Имаме гости од целиот свет, а најчесто туристи од Полска, Турција, САД и Шпанија. Посетителите најмногу се интересираат за личниот животен пат на Мајка Тереза – нејзиното детство во Скопје, семејството и моментот кога решила да го посвети животот на помагање на другите. Покажуваат голем интерес за фотографиите од нејзиното детство. Речиси сите знаат како изгледала и ја препознаваат како возрасна жена, во нејзиното препознатливо сари, но малкумина знаат како изгледала како дете и каков бил нејзиниот живот во Скопје. Токму затоа фотографиите од нејзиното детство и семејството им се особено интересни – изјави Кузмановска.

Постојаната поставка во Спомен-куќата содржи фотографии на Мајка Тереза, предмети, авторизирани копии од документи со нејзиниот ракопис и од добиени награди. Магнети со нејзиниот лик и статуетки, нејзини мисли, книги напишани за неа, молитвеници, реплики од изложените артефакти може да се купат во сувенирницата на влезот од музејот. 

-Најзначаен експонат во Спомен-куќата е дел од белото сари со сини ленти на Мајка Тереза, односно нејзината марама, која претставува второстепена реликвија. Тоа е еден од најпрепознатливите симболи на Мајка Тереза и воедно официјална униформа на сестрите од редот Мисионерки на милосрдието, основан од Мајка Тереза во 1950 година, додаде директорката Кузмановска.

Спомен-куќата денеска ќе го одбележи денот на раѓањето на Мајка Тереза со отворање три привремени изложби: „Мирот започнува со насмевка“ (фотографии и инспиративни мисли на Мајка Тереза); „Наследството на Мајка Тереза“ – изложба на Патриција Морено Руиз Олалде, новинарка и волонтерка во редот на Мисионерките на љубовта и „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“ – изложба на фотографии на Мајка Тереза со значајни личности од современата историја.

Спомен-куќата на Мајка Тереза е отворена за посети од вторник до недела, од 10 до 18 часот, со бесплатен влез за сите заинтересирани. Стручни водичи во музејот ги запознаваат гостите со животот и мисијата на хуманистката и светица која до полнолетството живеела во родното Скопје.