Бурен старт и еден куп контроверзии, тивка завршница и институционален молк. Четири годишниот мандат на Ислам Абази е пред крај, тој два месеци се враќа во гостиварското вишо обвинителство.
Колешка ќе му биде сопругата која е обвинителка во кичевското обвинителство, па нејасно е како тој во Вишото ќе одлучува за нејзините жалби. Непотизмот не е најстрашното нешто поврзано со Абази.
Тој зад себе ќе остави истраги што со години тапкаат во место и пријави што фаќаат прашина во фиоки. Од многуте коруптивни скандали поврзани со функционери на ДУИ, тој не успеа ниту еден да расчисти. Тврдеше дека не се познава со Али Ахмети, но не објасни како стигнал да се слика со братот на првиот интегративец.

Ислам Абази прв и последен пат застана пред камери, ден по изборот во ноември 2022. Во четирите години мандат, вешто ги избегнуваше камерите и нема дадено ниту една друга изјава.
„Дружењето со такви личности не е во смисла забрането. Тоа е непристојно дружење во смисла ако има непристојно дружење. Можеби сме се сретнале, Лични контакти немам, вели Ислам Абази, шеф на Обвинителството за организиран криминал.
За пристојното или непристојното дружење на Абази со функционери на ДУИ сведочат сликите објавени на интернет. Тој на лов одел со екс градоначалникот и потпретседателот на ДУИ Невзат Бејта. Случајно или не, Абази нареди долга низа случаи за кои не направи ништо, а се однесуваа на неговите соселани од Зајас и функциоенри на ДУИ.
Последен е скандалот со аферата на набавка на токсичен мазут за потребите на ТЕЦ Неготино и РЕК Битола. Случај во кои беа инволвирани компании поврзани со политички структури на ДУИ, а станува збор за тендери тешки над 160 милиони евра. Обвинителството ја запре истрагата со образложение нема докази и нема злоупотреби.
И случајот со трговскиот центар Соравија и внукот на Али Ахмети остана да виси. Пред 3 години, 25-годишниот Дрин Ахмети стекна 39% од бизнис-центарот во Скопје без сопствен вложен капитал. Антикорупциска и Финансиската полиција испратија документација за можни финансиски малверзации и перење пари.
Лесно помина и екс министерот и функционер на ДУИ Бујар Османи за случајот Еуровиа и адаптацијата на салата Борис Трајковски за Самитот на ОБСЕ. Тој им додели тендер од 1,8 милиони евра на ЕУРОВИА, чиј соспственик е главен донатор на ДУИ за адаптација на салата. Јавноста жестоко реагираше и бараше да се провери можен судир на интереси и фаворизирање, но ништо од тоа.
Како Османи така и струшкиот градоначник од ДУИ Рамиз Мерко. САД го стави на црната листа, но Абази се прогласи за ненадлежен и реши колегите во Струга да одлучуваат за набавката на луксузното возило „Ауди А6“.
На 28 октомври ќе се бира негов наследник. Тој има законска можност да трча за уште мандат, но изјави дека ќе се врати во Вишото обвинителство во Гостивар.

