Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска организираше прием за пожарникарите, полицајците и доброволците кои се здобија со повреди при интервенцијата за гаснење на големиот пожар кај селото Бигла. Од вдишување чад на петмината им беше укажана медицинска помош.
Во објава на социјалните мрежи, Гоцевски истакна дека нивната храброст, пожртвуваност и професионализам биле клучни во борбата со огнената стихија која се заканувала да ги опустоши шумите и имотите на жителите од селото Бигла.
На приемот им беше изразена благодарност на пожарникарот Лоренцо Трајановски, полицајците Александар Стоичовски и Филип Николовски, како и на доброволците Васко Панчовски и Александар Дамјанов, кои поради последиците од интервенцијата биле упатени на дополнителни медицински прегледи.

Градоначалникот упати извинување доколку ненамерно биле изоставени и други лица кои учествувале во интервенцијата и истакна дека најважно е што сите се чувствуваат добро.
„Во вакви моменти најмногу се гледа силата на луѓето кои без двоумење застануваат таму каде што е најпотребно“, порача Гоцевски, посакувајќи им на петтемина брзо и целосно закрепнување.
Тој нагласи дека благодарноста на Општина Делчево е упатена и до сите пожарникари, полицајци и останати служби кои деноноќно се на терен во борбата со пожарите, оценувајќи дека тие се првата линија на заштита на граѓаните и природата и заслужуваат максимална почит и поддршка.

