Студентите и оваа година ќе добиваат 140 денари дневно за храна – Министерството за образование и наука ги повика студентите да се пријават за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Можат да се пријават државјани на Македонија кои се редовни студенти на прв или втор циклус студии, како и студенти на интегрирани студии на државните и приватните установи. Еден од условите е студентот да нема месечни приходи повисоки од минималната нето-плата во државата. Оваа мерка се очекува да опфати поголем број студенти, бидејќи интересот за високото образование од година во година се зголемува. Тоа го потврдува и Државниот завод за статистика – во последните пет години бројот на студенти е зголемен за 4.155, а зголемен е и бројот на студентите на приватните факултети. Во меѓувреме, започнаа и уписите на факултетите. На УКИМ годинава се предвидени 8.851 место на 23 факултети, додека на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се нудат 3.341 место на 47 студиски програми.
ДЗС академска 2025/2026 година
ВКУПНО: 55.036

Здравство и социјална заштита: 14.088
Бизнис, администрација и право: 11.016
Информатичко-комуникациски технологии: 8.998
Инженерство, производство, градежништво: 5.301
Општествени науки, новинарство: 4.156
Најголем интерес има на студиските програми поврзани со здравствениот кадар и информатичките науки – Медицинскиот факултет ќе прими 950 студенти, додека ФИНКИ има предвидено 500 места. Зголемен е интересот и кај Економскиот и Правниот факултет, како и кај информатичките и природно-техничките програми. Сепак, оваа година вкупните квоти за упис на универзитетите во Македонија се намалени за околу 2.000 места. Најголемо намалување има во областа на бизнисот и администрацијата. Како причина за тоа се наведува високата невработеност кај дел од дипломираните кадри.

