Општина Берово ги награди најуспешните ученици, нивните ментори и младите таленти, вреднувајќи го нивниот труд, знаење, посветеност и постигнатите резултати на државни и меѓународни натпревари. Врз основа на доставената документација за освоени места и награди на индивидуални натпревари, парични награди од Општина Берово добија девет ученици од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово, како и шест нивни ментори.
-Наградени се ученици кои постигнале значајни резултати на натпревари по биологија, англиски јазик, македонски јазик и музичка уметност. Прва награда освоија Викторија Чабуковска на натпревар по македонски јазик и Хадиса Демирова во областа на музичката уметност, додека останатите ученици освоија втори и трети награди. За постигнатите успеси, награди добија и нивните ментори Емилија Пачемска, Марина Гошевска, Даниела Вангелова, Лилјана Јованова, Натка Ременска и Даниела Трнковска, како признание за нивниот професионален ангажман и поддршката што им ја даваат на учениците, информираа од Општина Берово.
Во рамки на поддршката на младите и нивните постигнувања, Општината ги награди и првенците на генерација – Јелена Бугариновска од ОСУ „Ацо Русковски“ и Јана Калпачка од ООУ „Никола Петров Русински“ од Русиново. Двете ученички добија по 15.000 денари како признание за нивниот труд, успех и посветеност во текот на образованието.

Парични награди добија и мандолинските оркестри при ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ и ООУ „Никола Петров Русински“, во вкупен износ од 18.000 денари. Наградите се признание за нивните досегашни успеси, посветеност и значајниот придонес во промоцијата на музичката култура.
Доделувањето на наградите беше дел од активностите со кои вчера во Берово беше одбележан 23 Август – Денот на Општината.
-Одбележувањето започна пред споменикот на паднатите борци во НОВ, во близина на ОЈУДГ „23 Август“, каде делегации од политичкиот и јавниот живот положија цвеќе и оддадоа почит на хероите кои со својата храброст и пожртвуваност придонеле за слободата. Празничната програма продолжи со традиционалната свечена седница на Советот на Општина Берово, која ја водеше претседателот на Советот, Владко Шахпаски. Пред присутните се обрати градоначалникот Петар Ружински, кој упати порака на благодарност кон минатото, но и поглед кон иднината и развојот на Берово, додадоа од Општината.
На седницата беше прикажана видео-презентација со реализираните активности во изминатата година, а беа доделени и благодарници и плакети на поединци кои со својот труд и ангажман придонесуваат за развојот на општината.
Празничниот настан беше збогатен со настапи на мандолинските оркестри при основните училишта во Берово и Русиново, кои со своите изведби дадоа посебен печат на одбележувањето.
Од Општина Берово посочуваат дека поддршката на младите, образованието и културата останува важен приоритет, а успесите на учениците и нивните ментори претставуваат гордост за нивните семејства, училиштата и целата локална заедница.

