На тениското игралиште во Маврови Анови денеска ќе се одржи „Повторно на стаза“, настан посветен на повторна употреба, поправка, размена и пренамена на спортската опрема.
Како што соопштуваат од Здружението за едукација, истражување и промоција на еколошки практики – БУКА, кои го реализираат настанот како дел од иницијативата за развој на пилот-модел за циркуларна спортска опрема во Маврово, во фокусот е прашањето што се случува со спортската опрема откако ќе престане да се користи.
– Скии, сноуборди, скијачки обувки, стапчиња, велосипеди, спортска облека, тениски рекети и друга опрема често со години остануваат во гаражи, подруми и викендички, иако дел од нив можат повторно да се употребат, поправат или
пренаменат. Спортската опрема најчесто е изработена од комбинација на пластика, синтетички текстил, гума, EVA пена, метал и други материјали, што ја прави сложена за рециклирање. Продолжувањето на нејзиниот животен век преку одржување, поправка, размена и повторна употреба е еден од начините да се намали создавањето отпад и непотребната потрошувачка на нови производи – велат оттаму.

На настанот „Повторно на стаза“ посетителите ќе можат да се информираат и практично да научат како да го продолжат животниот век на спортската опрема преку четири демонстративни пункта: сервис и поправка на ски и сноуборд опрема, поправка на спортска и планинарска облека, основно одржување и поправки на велосипеди, како и идеи за пренамена на стара спортска опрема во нови корисни предмети. Посетителите што успешно ќе разменат скии ќе имаат предност при сервисирањето на новодобиениот пар.
Во рамки на настанот ќе биде организирана и размена на спортска опрема. Граѓаните можат да донесат сочувана спортска опрема која повеќе не ја користат, но е функционална или може лесно да се поправи. Целта е опремата да продолжи да се користи од друг член на заедницата, наместо да остане неискористена или да стане отпад.
„Повторно на стаза“ е прв настан во рамки на поширока иницијатива со која БУКА ќе испитува можности за локален модел на циркуларно управување со спортската опрема во Маврово.

