Додека едно жариште се смирува, друго се разгорува во Хрватска. По синоќешните апокалиптични сцени што се случија во хрватскиот град Омиш, ново огнено жариште избувна и на подрачјето на Тролокве, над Трогир. Вкупно 1.500 луѓе се евакуирани, а речиси 200 од нив влегле во морето за да спасат жива глава од пламените јазици кои голтаа сè пред себе и се спуштија врз гратчето Омиш.
Со координирана акција на локалните спасувачки сили, во 2 и пол часа 194 луѓе биле евакуирани од морето од туристичкиот центар, кој преку ноќ се претвори во пепел. За среќа, нема загинати, а 36 луѓе добиле медицинска помош, додека 14 од нив се задржани во болницата. Повредените имаат сериозни изгореници или гушење од вдишениот чад. Изгорени се автомобили, куќи, викендици, туристички објекти. Омиш е мало туристичко гратче покрај Јадранската магистрала. Таму сезонски работат Македонци. Од Македонската амбасада во Хрватска известуваат дека ја следат ситуацијата и досега никој не побарал помош.
„Амбасадата е во тековен контакт со надлежните институции и ја следи состојбата, особено во однос на македонските државјани кои престојуваат во погоденото подрачје. До овој момент, во Амбасадата не е пристигнато ниту едно барање за помош или асистенција од македонски државјанин поврзано со пожарот. Амбасадата останува на располагање за сите македонски државјани на кои би им била потребна помош или асистенција“, велат од Македонската амбасаад во Хрватска.

Пожарот започнал кај Локва Рогозница вчеравечер во 20:15 часот, а со помош на силниот ветер и сувиот терен експресно се проширил до Омиш. На терен излегле 286 пожарникари, а биле регистрирани дури 200 жаришта.
„Подрачјето зафатено од пожарот изнесува приближно 1.000 хектари, но имаме периметар од над 20 километри што сега ќе мораме со денови да го надгледуваме. Не се наѕира дожд – нема ни трага од него. Мораме да го покриеме тој потег од 20 километри; треба да ги обезбедиме рабовите и да навлеземе што е можно подлабоко во внатрешноста на опожарената површина“, изјави Славко Туцаковиќ, главен противпожарен командант на Хрватска
Во моментот ситуацијата во Омиш е релативно подобрена, но противпожарните сили ги пренасочуваат авионите кон Трогир, каде сега е критично. Има активен пожар и кај Куна Пелешка на Пељешац, каде што пожарникарите, слично и на другите места, имаат потешкотии во борбата против пожарот поради засилениот ветер. Сепак, засега на тие подрачја нема пожари.

