Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вечерва изјави дека пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани е се уште активен и оти линијата на огнот е доста долга. Гасењето на пожарот ќе продолжи утре рано наутро.

– За жал, ќе продолжи и во текот на ноќта. Линијата на огнот е доста долга. Во текот на денот дејствуваа трети ер трактори. Значително го успорија но истиот не е изгаснат. Овде на лице место дејствуваа припадници на скопската Бригада за протипожарна заштита, поддржани од тимови на Дирекцијата со четири Пинцгауери – рече Ангелов.

Акцијата на гаснење на овој пожар, како што најави тој, ќе продолжи рано наутро со пешадија, а подоцна ќе се приклучат и трите ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.


До 17 часот денеска во земјава имаше 21 пожар, што е рекорд за ова лето.

