Владата ги демантира информациите што ги соопшти СДСМ, во врска со набавката на вода за пиење за гостиварци кои се соочуваат со забрана за водата за пиење поради нејзина контаминација со фекалии. Од СДСМ рекоа дека водата за пиење што е обезбедена од владата за Гостивар, е набавена од фирма на градоначалникот на Кавадарци „Кожувчанка“, без тендер и за 100 илјади евра.
„Во однос на набавката на флаширана вода, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка”. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари. Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка” учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба. Фактите се јасни и лесно проверливи. Обидите за нивно искривување нема да ја променат вистината. Пред фактите паѓа секоја манипулација. Апелираме, кога на ниту еден начин не помагаат, барем од СДСМ да престанат безобразно да лажат“, пишува во демантот на Владата.
Оттаму додаваат дека Владата останува доследна на преземената обврска дека граѓаните на Гостивар ќе добиваат безбедна вода за пиење сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба.

Ова ветување целосно се исполнува и нема да биде доведено во прашање, пишува во демантот упатен кон СДСМ.

