Можеше да се случи катастрофа, но со брзата реакција на службите се’ се заврши добро. Големиот пожар во околината на Кавадарци кај селата Дреново и Раец е ставен под контрола и до крајот на денот надлежните се надеваат дека целосно ќе биде изгаснат. Се гаснеше и од небо и од земја. Дополнителен проблем за пожарникарите беше стрмниот- непристапен терен, сувата вегетација и ветерот. Ридестите предели од каде избиваше чадот беа надлетувани и полевани со вода од трите ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Благодарение на одличната координација и навремената реакција на институциите, се спречи да изгори високостеблестата шума, а зашитени беа и луѓето и имотите. Пожарот за кој надлежните се сомневаат дека е подметнат и за кој веќе е уапсено едно лице, опфати радиус од осум километри површина. Избил на неколку точки истовремено на оддалеченост од 500 – 600 метри.
„Се работи за пожар кој што се одвива на многу тежок терен за гаснење, Пожарот е намерно подметнат на повеќе локации истовремено почетната пожарна линија беше мног долга. теренот зад мене како што може да се види е многу стрмен, полн со трње и грмушка, безмалку низ него да не можат да се движат луѓе, поради што градоначалникот Јанчев покажа школкси пример како треба да се гаси еден ваков пожар, употребувајќи ги локалните пожарникари, две доброволни противпожарни друштва, тешка механизација, ер-тракторите на Дирекцијата како и еден полициски и еден армиски хеликоптер“, изјави Стојанче Ангелов раководител на главниот штаб за управување со кризи
Градоначалникот на Кавадарци Јанчев најави дека во тек е решавање на проблемот со водата во селото Дреново, кој настана поради прекин на струјата во системот за добавување. Испратена е цистерна со вода за тамошните жители, како и амбулантно возило и медицинска екипа, ако некој се пожали од вдишениот чад.

„Во континуиран контакт сме и со жителите од месното насление и од Дреново, Чесенди и Раец. Прекинот на водоснабдувањето е поради недостаоаток на електрична енергија, далноводот на ЕВН е опфатен делумно од пожарот, три бандери треба да се сменат, за час и половина ќе добијат редовно снабдување со вода. Во меѓувреме општина Кавадарци преку јавното претпријатие Комуналец испрати цистерна со санитарна вода за потребите на селото Дерново“, изјави Митко Јанчев – градоначалник на Кавадарци
Инаку во гаснењето на пожарот во околината на Кавадарци учествуваа голем број на пожарникари, а ангажирани беа и доброволци. На терен беа екипи и на полицијата и војската, како и специјални тимови од Дирекцијата за заштита и спасување. Се користеа и специјалните возила на ДЗС, камиони, булдожери и друга тешка механизација. Надлежните повторно апелираат за поголема свесност кај граѓаните. Да не се фрлаат отпушоци насекаде, да не се палат скари на отворен простор и доколку забележат пожар или чад веднаш да пријават. Инаку најголем дел од пожарите во Македонија, во текот на денот беа ставени под контрола или целосно изгаснати. Покрај Кавадарци гореше и во предели во околината на Прилеп, Теарце и Чучер Сандево каде гореше сува трева.

