Жешкото време не попушта и секоја искра може за миг да прерасне во нов пожар. Надлежните постојано се на терен и реагираат и засега успешно се справуваат со сите предизвици. Во моментов на територијата на Македонија активни се пет пожари на отворен простор и сите се ставени под контрола. За викендот беа регистрирани триесетина, а најкритично беше во Струга и Кавадарци. Иако беше ставен под контрола, пожарот во околината на Кавадарци, повторно се реактивираше. Гори на тешко пристапен терен, па во гаснењето се активирани два од трите ер трактори. Надлежните се сомневаат дека огнот првично бил намерно подменат на пет различни локации. Едно лице е приведено и се наоѓа во полициска станица.
„Имаме осомничено лице за подметнувањето на вчерашниот пожар кој што во овој момент се наоѓа во просториите на кавадаречката полиција и верувам дека ќе бидат обезбедени докази“, изјави Стојанче Ангелов – Раководител на Главен штаб за кризи
Поради ризикот од нови пожари, Владата на 1 август прогласи кризна состојба на целата територија. Дирекцијата за заштита и спасување, во координација со општините, армијата, полицијата и противпожарните едници будно ја следат состојбата и интервенираат каде што е потребно.

„Кризната состојба овозможува многу пофункционална координација помеѓу сите државни институции кој што учествуваат во процесот на гасење на пожарите, но и во нивната превенција. Така што во овој момент надлежен за гаснење на пожарите на целата територија за координација е главниот штаб кој што се наоѓа во ЦУК“, изјави Стојанче Ангелов – Раководител на Главен штаб за кризи.
Во моментов државата располага 900 пожарникари, 40 специјални возила, 20 пинцгауери, 15 оклопни транспортери БТР-80ки, 5 хермелини со цистерни и три ер-трактори. Едниот од авионите кој беше оштетен, повторно е ставен во функција. Во гаснењето учествуваат и два полициски хеликоптери, а еден се користи за набљудување. Исто така во извиднички мисии се користи и спортски авион. Но, надлежните повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни и одговорни. Да не се фрлаат отпушоци насекаде и да се палат скари и огнови на отворено. Поради сувата вегетација постои огромен ризик да се предизвика голем пожар. Доколку забележат чад или пожар веднаш случајот да го пријават.
