Реновирање на болници, вработувања, нови апарати и опрема. Оваа година Владата издвојува рекордни пари за инвестиции во здравството. Премиерот најави вложувања тешки повеќе од милјарда евра со цел да се подобрат условите во овој сектор кој како што вели, беше уништуван и запуштен со децении. Со повеќе пари, енергија и трпение, конечно граѓаните ќе добијат подобри услуги за лекување во јавните здравствени установи.
„Ова е само почеток, целта ни е целосно реновирање, одиме чекор по чекор, доекипирање и од човечки капацитети но и од другиот аспект, преку опрема и апаратура неопходни за да се дадат здравствените услуги на граѓаните, она што им е потребно. До сега успеавме дел од тоа што недостасува да го обезбедиме, но и од сега со несмалена динамика ќе продолжиме во таа насока.“ – истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за здравство цели кон заживување и развој на болниците и во помалите градови. Јакнењето на клиничката болница во Битола е само почеток со цел да стане регионален здравствен центар што ќе им овозможи на граѓаните од југозападниот регион да бараат помош токму таму, наместо да патуваат до Скопје.

„На регионализацијата мора да и се даде содржина, да не биде само празни зборови. Директорката Ненси веќе наброја што е направено, во однос на донесување на опрема и засилување на човечките ресурси. Бев тука на промоција на првата група на специјализанти и драго ми е што се дури 10 одлучени да останат тука.“- вели Министерот за здравство Сашо Клековски.
Од Битолската болница велат дека со новите апарати и новите вработувања, Битолчани и граѓаните од околните градови веќе не патуваат до главниот клинички центар за обични процедури, документи или лекови.
„Клиничка болница Битола прва во Македонија започна со соработката со Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија. Направивме соработка, наместо нашите пациенти со малигни заболувања да патуваат до Скопје за третман, прегледи и контроли, сега еднаш неделно, понекогаш и повеќе пати, доктори од клиниката доаѓаат за да го спречиме патувањето на оваа наша категорија на пациенти и граѓани на Битола.“ истакна директорката Лозанче.
Инаку Владата отвара можност за вработување на уште 300 приватни специјализанти во јавните установи до крајот на 2026 година. Надлежните велат дека со ова ќе се задржат младите лекари во државата, ќе се пополни недостигот на специјалистички кадар и ќе има поквалитетна здравствена грижа за пациентите.
