Гужва на патиштата низ земјава ќе донесе претстојниот празничен викенд по повод 2-ри Август – Илинден, особено на патните правци кон туристичките места Охрид, Преспа, Дојран, Крушево, Пелинце, излетничките места и кон граничните премини, каде веќе се најавени поголеми гужви и повеќе чекање. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до граѓаните во услови на зголемен интензитет на сообраќајот, строго да ги почитуваат правилата, да не ја пречекоруваат дозволената брзина, да не возат во состојба на замор, да не возат под дејство на алкохол и да не користат мобилен телефон при возењето.
„Некои анализи кажуваат дека при возење од 80 километри на час, една секунда гледање во мобилен телефон – значи 20 метри возење на слепо. Ние секоја година апелираме за мобилните телефони, бидејќи сме свесни дека мобилните телефони земаат голем дел од нашето внимание, но апелираме до сите учесници во сообраќајот – кога се зад воланот да не гледаат во мобилниот телефон.“, изјави Дејан Андоновиќ, портпарол на РСБСП.
Дополнителен ризик за возачите е и топлотниот бран, со температури кои деновиве ќе бидат и над 39 степени во некои региони. Високите температури можат да ја намалат концентрацијата и да предизвикаат замор, при што експертите советуваат патувањата да се планираат внимателно и да се прават чести паузи.

„Нашето подрачје е под влијаие на топла воздушна маса од југ и времето во деновите од продолжениот викенд, па се до крајот на следната седмица ќе биде стабилно, сончево и многу топло, ќе има локална појава на облачност во текот на денот. Дневната температура во следните денови секаде ќе биде над 32 степени, а на некои места ќе надмине и 40 степени, особено од среда.“, велат од УХМР.
Од институтот за јавно здравје предупредуваат дека најголем број на заболувања од храна се појавуваат во летните месеци. Храната да се купува од проверени продавници и угостителски објекти, а веќе подготвена храна да не се остава на собна температура. Особено ризични се јадењата приготвени со сурови или недоволно термички обработени јајца, месо и млеко. Надлежните препорачува граѓаните да избегнуваат храна и вода од несигурни извори.
