За само неколку секунди увозот извозот и транзитот на граничните премини во Македонија ќе се евидентира автоматски со современа технологија. До средината на 2027 царинската управа се очекува целосно да го имплементира системот „паметни граници“ кој значително ќе го олесни преминот на товарните возила и ќе ги намали трошоците на економските оператори.
„Царинската управа започнува со имплементација на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничата инфраструктура со кој се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали, за што се обезбедени грант средства од Европската унија во висина од два милиони евра“, соопштија од Царинска управа
Постојните рампи и ваги на граничните премни ќе бидат заменети со современи дигитални системи кои самостојно ќе ги вршат царинските задачи. Воведувањето на системот е и значителен чекор во реформскиот процес кон ЕУ:

„Автоматските ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системот за видео надзор и за препознавање на регистарски таблички, за што во тек е постапка за набавка на софтвер – интегратор, со што ќе се овозможи поефикасна контрола и забрзан проток на легалната трговија во согласност со ЕУ стандардите.“
Од царинската управа истакнуваат дека со помош на автоматизацијата и намалувањето на човечкиот фактор во царинските процеси, значително се намалуваат можностите за криминалот и корупцијата. Од другата страна штедење на времето се одразува и на економската страна, ако се има предвид фактот дека на балканските гранични премини, транспортерите од регионот годишно чекаат дури 28 милиони часови. Ова го чини регионот 1% од БДП.
