Пипците на бугарската пропаганда во Македонија се шират. Под превезот дека се македонски интернет портали кои се занимаваат со пренесување вести и информации, тие вршат тешка пропаганда во полза на бугарските антимакедонски политики. Во ова предничи веќе добро познатата „Фондација Македонија“ на Виктор Стојанов. Истражувањето на порталот 360 степени откри дека оваа фондација од позадина контролира најмалку шест интернет портали и фејзбук профили.
„Најголем дел од содржините пласирани во оваа мрежа на портали и страници на социјалните медиуми се вообичаени, но дел се презентирани на начин што предизвикуваат жестоки дебати за односите меѓу Македонија и Бугарија, за односите меѓу Македонците и Албанците и слично.“, велат од порталот 360 степени.
Речиси 140 илјади профили ги следат овие страници само на Фејсбук. Сопствениците на овие страници не се јавно достапни, а преку нив се споделуваат вести од шест портали, од кои пет се регистрирани во Македонија. Станува збор за: Вестимак, Вестимк, 24мк, мк24 и утре.мк. Според досегашните податоци, порталите Вестимак и Вестимк се регистрирани на име Александар Смиљков, додека останатите три веб-страници се под името Асен Петровски.

Преку анализата, 360 степени потсетуваат дека на 4 март годинава, Јавното обвинителство отвори предмет „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ за што е осомничен Виктор Стојанов. Од обвинителството изјавија дека постапката за официјалното утврдување на лицата кои стојат зад овие платформи е се уште во тек.
