Висока бизнис-делегација од Индија, составена од претставници на двете најголеми стопански комори ASSOCHAM и FICCI, како и од сопственици и директори на водечки индиски компании, денес ја посети ТИРЗ Скопје, каде што беа презентирани инвестициските можности во земјата, условите за работа во технолошко-индустриските развојни зони и потенцијалите за продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции.
Како што соопштуваат од ТИРЗ, во рамките на посетата делегацијата ги разгледа и производствените капацитети на компанијата „Џагатај кабло“, претставена како пример за успешна странска инвестиција во зоните.

– Во рамките на посетата, директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности што ги нуди Македонија, поволностите за инвеститорите во технолошките индустриски развојни зони, како и услугите и институционалната поддршка што Дирекцијата ги обезбедува во текот на целиот инвестициски процес. Димовски истакна дека Македонија претставува стабилна и конкурентна дестинација за странските инвеститори, со стратешка географска положба, квалификувана работна сила и поволна деловна клима, што ја прави атрактивна за компании што сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар – стои во соопштението од ТИРЗ.

Дополнуваат дека за време на посетата членовите на делегацијата се запознале со условите за работење во ТИРЗ, успешните приказни на компаниите што веќе инвестираат во зоните, како и со можностите за соработка во повеќе области.
– Посетата претставува значаен чекор кон зајакнување на економската соработка со Индија и отворање нови можности за идни инвестиции и деловни партнерства со компании и институции од меѓународниот пазар. Индија, како една од најбрзо растечките економии во светот, претставува значаен партнер, особено во насока на привлекување нови инвестиции, размена на искуства и развој на идни проекти со висока додадена вредност – додаваат од ТИРЗ.
