„Не ме интересира политика“ е реченицата која често се слуша од младите. Но, дали тие се навистина аполитични или само се тргаат настрана од партиските поделби?
Дел од нив сметаат дека младите се заинтересирани за прашањата кои директно ги засегаат, а дел имаат спротивно мислење.
Ги соочивме и ставовите на претставниците на подмладоците на најголемите политички партии во земјава.

Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ смета дека младите се интересираат за системот и дека нивното учество во граѓанските организации покажува дека не ја поистоветуваат политиката стриктно со партиска припадност.
„Би ги квалификувал младите дека се, за жал, апатични, но не би ги квалификувал како аполитични. Апатијата сметам дека се должи на тоа што младите веќе долги години наназад беа ставени во втор, трет или четврт план во политиките на државата“, изјави Тодор Конески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Социјалдемократската младина смета дека недовербата во системот низ изминатите децении создава слика на аполитична и апатична младина.
„Аполитичноста, повторно ќе кажам, се граничи со недоверба во системот. Ние во изминатите 30-35 години сме имале различни случаи на тоа како системот и државата ни покажуваат зошто не треба да веруваме во овој систем“, изјави Трајче Стојчевски, претседател на СДММ.
Едно е заедничко – младите не се рамнодушни кон проблемите што ги засегаат, а нивното учество во општествените процеси треба да се охрабрува, бидејќи токму тие се носители на идните промени.
