Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со вице-премиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, министерката за образование, Весна Јаневска и градоначалникот Кирил Пецаков денеска беа во работна посета на Охрид каде извршија увид во повеќе тековни градежни активности низ градот.
Во рамки на посетата ја и посетија охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, каде во тек е целосна реконструкција на објектот, проект чија вредност изнесува околу сто милиони денари.
Како што беше појаснето, покрај веќе изведените зафати за уредување на дворот на образовната установа, уредувањето на дворот, поставената нова ограда околу училиштето, следува целосно реновирање на системот за затоплување на објектот со замена на внатрешната и надворешната дограма, а во последната фаза ќе биде реконструиран подот на училиштето, реконструкција на спортската сала, покривот, како и нова фасада на објектот.

Претседателот на Владата во оваа прилика истакна дека ваквите активности се она што и го очекуваат граѓаните од власта на која и ја дале довербата. Најави дека заедно со локалната самоуправа, градоначалникот и локалната админстрација ќе продолжат и понатаму својот фокус да го ставаат на испорачување проекти што ќе значат додадена вредност во квлаитетот на животот, како на охриѓани, така и на сите граѓани во земјата.

– Ние веќе трета година како што ветивме во изборната кампања, дека голем дел од средствата од централниот буџет ќе го реалоциравме во општините, тоа и го направивме. Досега по различни основи се покриени проекти од некаде половина милијарда евра, некаде приближно 1200 проекти…Дел од нив се завршени, дел се работат, помал дел се во фаза на тендерирање. Очекувам и оваа година и почетокот на наредната тоа да биде завршено и полека да се подготвуваме како Влада за уште еден ваков процес за поддршка на проекти во општините. Цениме дека таквиот пристап беше успешен, и тоа по неколку основи – го подобри квалитетот на животот на граѓаните во општините бидејќи се проекти што се во првата линија на нивен интерес. Истовремено учествуваат со позитивни бројки во бруто домашниот производ и ценам дека и ја помагаме македонската економија, но истовремено што што ни беше примарна цел, да го подобриме квлаитетот на живот на граѓаните – рече Мицкоски.
Министерката за образование Јаневска во оваа прилика посочи дека кога станува збор за Охрид, покрај зафатите за реновирање на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ и вложувањата во Електро-машинскиот центар „Свети Наум Охридски“, ресорното Министерство започнува со целосна реконструкција на Студентскиот дом „Никола Карев“, проект вреден 5,5 милион евра.

– Работиме за младите, им овозможуваме подобри услови, секако и на наставниците како клучна карика во образовниот систем, за стекнување повеќе знаења, повеќе вештини и компетенции…Со максимално темпо, реално дозволиво, ја поправаме ситација во студентските домови. Студентскиот дом во Охрид е во лоша состојба. Направивме ревизија и во моментов е процес на промена на раководството. Домот од денеска е затворен и очекувам пред крајот на годината да почне неговата реконструкција, рече таа.
Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека реконструкцијата на гимназијата ќе значи дека и последното средно училиште на територија на Општина Охрид целосно ќе биде реконструирано, а со тоа и овозможени услови за непречена и квалитетна настава.

– Она што како локална самоуправа го наметнавме како динамика на изведување сериозни проекти и реализација на капитални проекти, го продолжуваме…Тука е и реализација на проектот за реконструкција на улицата „Кленоец“, заедничка инвестиција со Владата од околу 83 милиони денари, со предвидени целосна промена на атмосферска и канализациска мрежа, асфалитарање и уредување на тротоарите…, рече Пецаков.
Тој направи пресек на активностите спроведени во Општината изминатиот двегодишен период, посочувајќи дека се реализирани или во завршна фаза се 23 проекти со вкупна вредност од 16 милиони евра, од кои 9,5 милион евра средства како директна поддршка од Владата, а останатите 6,5 средства од Општина Охрид.
