Реклама

Алта банка повторно функционира и со експозитура во Скопје, овозможена и исплата на плати и придонеси

Никола Јанкуловски избран за претседател на Лекарската комора

Академик Владо Камбовски со детали за новиот КЗ со кој конечно треда да се стави ред во правниот хаос

Мицкоски ја разобличи хистеријата на Филипче: Владата на СДСМ и ДУИ барала влегување во деловни односи со Алта

Собранието го донесе вториот ребаланс на буџетот за 2026 година

По цели три децении Македонија ќе добие нов Кривичен законик, текстот е веќе испратен во Брисел за нивно мислење

Министри, директори, па дури и попови – Бог простува, ама „Сејф Сити“ не: системот се шири во Битола, Струмица и Штип

Пекол на „Тракија“: 12 жртви и 48 повредени во двата масовни верижни судири во Бугарија

Економијата расте, инфлацијата се стабилизира: Стопанствениците очекуваат ваквата динамика да продлжи

Претседателот Трамп ја номинира Кристи Мекормик за нова амбасадорка на САД во Македонија

Алта банка дефинитивно ќе се продаде и спаси, дури 6 банки и финансиски институции заинтересирани да ја преземат

Кравите „господарат“ со Крива Паланка: Градоначалникот немоќен и без решение за „инвазијата“ крави по градските улици

Македонија

Завршни зборови за предметот против Димитровска: Обвинителството бара осуда, одбраната ослободителна пресуда, пресудата на 14 јули

Обвинителството во завршните зборови за предметот во кој е обвинета поранешната претседателка…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Обвинителството во завршните зборови за предметот во кој е обвинета поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, побара Судот како отежнителна околност да ја цени нејзината функција во времето на извршување на делата, оценувајќи дека во текот на постапката биле докажани и двете кривични дела што ѝ се ставаат на товар. По изнесувањето на завршните зборови, Судот ја закажа објавата на пресудата за 14 јули годинава во 13 часот.

Обвинителката Наташа Поп Трајкова денеска изјави дека обвинетата ги сторила делата како претседател на институција чија основна задача е заштита на јавниот интерес и спречување на корупцијата.

-Обвинителството смета дека ги докажа и двете кривични дела сторени од страна на обвинетата. Како отежнителна околност е тоа што истата овие дела ги сторила како претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата – истакна Поп Трајкова.

Реклама

Во однос на обвинението за компјутерски фалсификат поврзано со добивањето безбедносен сертификат, обвинителката посочи дека ваквото постапување претставува закана за системот на издавање сертификати за пристап до класифицирани информации.

– Обвинителството смета дека со ваквото постапување се нарушува целиот систем на добивање безбедносни сертификати, особено имајќи ја предвид сензитивноста на класифицираните информации, како и фактот дека државата е членка на НАТО и институцијата што ги издава сертификатите мора да постапува согласно правилата и начелата што ги воспоставува НАТО- рече Поп Трајкова.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто Обвинителството смета дека делата биле сторени со умисла, таа нагласи дека особено за делото одавање службена тајна умислата произлегува од материјалните и вербалните докази изведени во текот на судскиот процес.

Според неа, од екстрахираните пораки презентирани како доказ произлегува дека обвинетата била свесна за доверливоста на информациите што ги споделувала со Небојша Стојановиќ.

– Особено индикативни се неколку пораки во кои таа му наведува „Ова е доверливо и не го споделувај со никој“. Изведовме и пораки во кои обвинетата знае и е свесна дека овие податоци претставуваат службена тајна. Свесноста и умислата произлегуваат и од формата во која податоците биле доставени – рече обвинителката.

Таа додаде дека во текот на постапката било утврдено оти податоците не биле јавно достапни во формата во која биле споделувани.

– Се наметнува прашањето зошто Небојша Стојановиќ би ги барал овие информации од тогашниот претседател на ДКСК ако тие биле јавни. Ако биле јавни, секој, па и тој самиот, би можел да дојде до нив – посочи Поп Трајкова.

Одбраната, пак, оцени дека во завршните зборови на Обвинителството не биле презентирани аргументи што би го поткрепиле постоењето на кривичните дела за кои се гони обвинетата.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ по денешното рочиште изјави дека завршниот збор на јавниот обвинител повеќе се темелел на етички отколку на кривично-правни аспекти на случајот.

– Денеска го слушнавме завршниот збор на јавниот обвинител. Слушнавме повеќе или помалку едно театрално излагање кое ја допре суштината, а суштината беше анализа на етичките правила и етичкиот кодекс. Не беше понудено ништо што во законска смисла значи припишување инкриминација и постоење на кривичните дела за кои е обвинет мојот клиент – истакна Туфегџиќ.

Тој додаде дека очекува Судот да донесе, како што рече, праведна и правилна одлука.

– Сметам дека Судот ќе донесе праведна одлука, правилна одлука, за нас ослободителна пресуда секако, и тоа го очекуваме во терминот кога е закажано изрекувањето на пресудата – рече Туфегџиќ.

Бранителот на обвинетиот Миле Столевски, пак, оцени дека Обвинителството не успеало да го докаже кривичното дело компјутерски фалсификат што му се става на товар на неговиот клиент.

Образложувајќи ја споредбата што ја направи во завршниот збор со користење платежни картички и внесување туѓи податоци, адвокатот посочи дека целта била на сликовит начин да ја доближи правната проблематика до секојдневниот живот.

– Таква е споредбата затоа што наоѓа аналогија во секојдневниот живот. Поентата на секое законско регулирање на која било материја е не да го отежни, туку да го олесни животот на граѓаните и да го стави во одредени рамки и ред. Обвинителството направи обид дејствијата на обвинетиот да ги подведе под кривичното дело компјутерски фалсификат. Токму затоа ги дадов тие примери, бидејќи во спротивно многу наши сограѓани би можеле во иднина да паднат под опфат на тоа кривично дело, иако законот не ги предвидува на таков начин – изјави бранителот на Столевски.

На прашањето дали смета дека Обвинителството не го докажало делото што му се става на товар на Столевски, адвокатот рече дека завршниот збор на Обвинителството бил повеќе насочен кон реторика отколку кон правни аргументи.

– Доколку човек се труди да даде објективна оцена и за самиот завршен збор, би кажал дека за првпат, барем во мојата кариера, Обвинителството го правеше она што вообичаено е задача на одбраната. Денеска Обвинителството најмалку зборуваше за право, а повеќе беше театар во однос на завршниот збор, изјави тој.

Бранителката на обвинетата Билјана Петровска-Мантева, адвокатката Надица Фундукли, во изјава по завршните зборови оцени дека во текот на постапката не бил презентиран ниту еден решителен доказ што надвор од разумно сомневање би ја потврдил вината на нејзината клиентка за кривичното дело одавање службена тајна.

– На денешната главна расправа, а особено преку завршните зборови и на Јавното обвинителство и на одбраната, сметам дека објективно не постои ниту еден решителен доказ на товар на обвинетата дека го сторила кривичното дело одавање службена тајна надвор од разумно сомневање – изјави Фундукли.

Таа нагласи дека Петровска-Мантева не можела да располага со информации кои имаат статус на класифицирани информации согласно законските прописи.

– Обвинетата Билјана не била во состојба да го стори таквиот вид кривично дело, бидејќи не се стекнала со информации кои се класифицирани согласно Законот за класифицирани информации. Посебно, двата документа доставени од МВР и Бирото за јавна безбедност немаат никаков степен на класификација – истакна Фундукли.

Според одбраната, станува збор за документи кои и претходно биле доставувани од АД ЕСМ до неговите подружници, а потоа и до повеќе раководни лица вклучени во подготовка на документација за потребите на постапките пред органите на прогонот.

Поранешната претседателка на ДКСК е обвинета за две кривични дела – одавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат, односно дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Покрај неа, во предметот обвинети се и ревизорот Столевски, како и Билјана Петровска-Мантева, која се товари за одавање службена тајна.

Видеото може да го погледнете на следниот линк: